Битиќи: „ТЕ-ТО“ ќе оди курбан, бидејќи е руска инвестиција

Те-То ќе обезбедува дополнителни количини струја уште два месеци/ Фото: МИА

Скопската когенеративна централа „ТЕ-ТО“ ќе биде исклучена во иднина со доаѓањето на грчкиот инвеститор „Митилинеос“, дециден е вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој прецизираше дека таа ќе оди курбан бидејќи е руска инвестиција.

„ТЕ-ТО“ ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе почне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од рускиот гас – рече Битиќи.

Тој не сакаше да открие други детали за соработката со нив и обезбедувањето парно греење за скопјани, бидејќи бил обврзан со безбедносен сертификат.

Битиќи прецизираше дека со Законот за стратешка инвестиција на грчки „Митилинеос“, за гасната централа „Митилинеос“ му следува државна помош од 50 милиони евра за 5 години.

Инаку, на „Митилинеос“ ќе му биде дадено големо парче државна земја во комплексот Железара во Гази Баба на користење од 30 години за 0,1 евро за квадрат, што е идентично со сумите што ги имаат околу 90 отсто од странските инвеститори во земјава. Државата ќе треба само да му изгради мал пристапен пат, а Железара е избрана поради близината на топланата.

Од „Митилинеос“ се очекува да ја изгради централата за пет години и се очекува покрај електрична енергија, да произведува и топлинска енергија што би била за 40 отсто поевтина од сегашната.

– Со оваа топлина ќе се греат уште 35 илјади нови домаќинства и ќе се шири мрежата – истакна Битиќи. Инаку, струјата што би му ја продавал „Митилинеос“ на ЕСМ би била само 5 отсто пониска од берзанската.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот