„Бистро-матно“: Кривичниот суд е ажурен, тендерите во здравството се коруптивни
Институциите во земјава формално го воспоставуваат системот за интегритет, но неговата реална примена останува нееднаква и често недоволна, особено во делот на управување со ризици и судир на интереси- стои во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата. Анализата покажува дека системот за интегритет треба да премине од декларативна во оперативна фаза, со јасни процедури, механизми за отчетност и реална примена на правилата, особено во чувствителни области како јавните набавки, подароците и управувањето со дискрециони овластувања. Извештајот укажува дека клучен проблем останува фактот што многу институции ги донесуваат потребните акти, но тие не се применуваат во пракса, што директно влијае врз довербата на граѓаните и ефикасноста на системот.
Препорачано
Ова е првиот „матен настан“ кој го регистрира Транспаренси Интернешнл Македонија во својата редовна месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „бистро-матно“.
Во бистрите случаи пак, во соопштението на Транспаренси се наведува тоа што Кривичниот суд за 3 месеци донел над 7 илјади пресуди, со што заостанатите предмети се значително намалени. Од донесените пресуди, 620 пресуди се за полнолетни, 6534 се прекршоци во квартал. Исто така Основниот кривичен суд Скопје го објави првото издание на својот електронски весник, во обид да ја зголеми транспарентноста и да ја приближи својата работа до јавноста.
Во првиот број, судот излегува со конкретни бројки за сработеното во првиот квартал од 2026 година, но и со примери од судската практика и пораки за јакнење на довербата во правосудството. Според објавените податоци, во период од три месеци донесени се 620 пресуди за полнолетни сторители, 60 за малолетници и дури 6534 пресуди во прекршочна постапка. Во делот за организиран криминал и корупција, судот информира дека биле определени повеќе видови мерки, меѓу кои ефективни притвори, куќни притвори и мерки на претпазливост, како и пресуди врз основа на спогодби. Според податоците Основниот кривичен суд Скопје во извештајната 2025 година го совладал приливот и го намалил заостатокот. Од вкупниот број на предмети во работа решил 86,19% од предметите. Според податоците Основниот кривичен суд Скопје во 2025 година е ажурен суд, пишува во извештајот на Транспаренси.
Бистар настан е и тоа што судски полицаец и доставувач се осомничени за поткуп, откако зеле мито за ослободителна пресуда во Апелација, како и петицијата на „Еко правда“ против законите за минерални суровини и концесии.
Во делот за „матни настани“ регистрирано е тоа што судскиот совет нетранспарентно и зад затворени врати одлучува за пресуди од Стразбур нешто за што сериозна загриженост изрази Блупринт групата за реформи во правосудството откако Судскиот совет ја исклучи јавноста од својата седница одржана на 15 април. Тогаш Советот зад затворени врати одлучувал по барање за повторување на постапка врз основа на пресуда од Европскиот суд за човекови права.
Невладините организации кои го следат судството оценуваат дека ваквата пракса претставува сериозно отстапување од принципите на транспарентност и отчетност и дека кога Судскиот совет одлучува за вакви сензитивни прашања без присуство на јавноста, директно се доведуваат во прашање правната сигурност и ионака кревката доверба во институцијата.
„Матен настан“ според Транспаренси Интернешнл е и тоа што Агенцијата за катастар има неправилности во евиденцијата на имотот и пописот констатирани од Државниот завод за ревизија во извештајот за 2024 година. „Матно“ е и тоа што во секоја втора набавка во здравството има корупција.
Здравствените институции неретко ги евалуираат примените понуди непрецизно и со невоедначени критериуми, избирајќи понуди кои не ги исполнуваат барањата од тендерската документација, се вели меѓудругото во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за коруптивните шеми во јавните набавки во здравството воочени преку жалбите. Според истражувањето, во 71 отсто од жалбите на фирмите се оспорува одлуката за избор на најповолна понуда, што укажува дека главниот извор на нерегуларности во здравствените тендери е евалуацијата на понудите како фаза со највисок ризик од фаворизирање на одредени понудувачи. Еден од најчестите проблеми се нејаснотиите во врска со потребната документација за пуштање во промет и увоз на лекови, што создава административни пречки во тендерската постапка и го зголемува ризикот од субјективно постапување, пишува Транспаренси.
Според Репортери без граници Македонија паѓа на 45 место, а економскиот притисок го гуши новинарството што исто така е матен настан за април.
Новиот индекс на слободата на медиумите покажува дека македонското новинарство опстојува на донации и е изложено на притисок од маркетинг агенции, додека државното финансирање останува нетранспарентно. Организацијата Репортери без граници (RSF) ја рангираше Македонија на 45. место од 180 земји во Индексот на слободата на медиумите за 2026 година, три места пониско од претходната година. Со скор од 69.49, земјата бележи пад во економскиот индикатор каде се наоѓа дури на 61. позиција, а главните причини се нетранспарентното државно финансирање, зависноста од странски донатори и притисокот од маркетинг агенции врз редакциите, објавува организацијата.


