„Билд“: Крадците од Лувр се обиделе да продадат накитот на Израелци
Крадците кои упаднаа во парискиот Лувр на 19 октомври и украдоа накит, се обидоа да ги продадат украдените предмети на израелската безбедносна фирма „CGI Group“ преку подземна мрежа, објави германскиот весник „Билд“, цитирајќи го Цвик Навех, извршниот директор на компанијата.
Препорачано
ВИДЕО | Грабеж во Лувр: Најпосетуваниот музеј во светот привремено затворен
„Пет дена по грабежот во Лувр, лице кое се претстави како претставник на крадците нè контактираше преку официјалната веб-страница на „CGI Group“.
Тој праша дали ќе преговараме за да ги купиме украдените уметнички дела и нагласи дека имаме 24 часа да одговориме“, рече Навех.
Според извештаите, CGI претходно бил ангажиран од анонимно лице со блиски врски со Лувр за да ги пронајде крадците и накитот што го украле.
„Тајмс оф Израел“ објави еден ден по грабежот дека CGI изјавил дека Лувр побарал негова помош во пронаоѓањето на украдените артефакти, и дека Навех во тоа време рекол дека „Лувр конкретно ги замолил да ги откријат идентитетите на лицата вклучени во кражбата и да ги вратат украдените артефакти“, пренесува Танјуг.
Што се однесува до последната понуда од претставниците на крадците, Навех рече дека CGI ја прифатил. Според него, по долги преговори и истрага, било утврдено дека непознато лице поседува барем дел од украдените предмети.
„Веднаш го пријавивме ова на надлежните органи во Париз. За жал, бирократските одложувања ја спречија можноста за враќање барем на дел од уметничките дела“, рече Навех.


