Фото: Pexels

Безбедни во зима: Како да избегнете повреди во студениот период?

Институтот за јавно здравје излезе со препораки за зимските месеци кои често носат зголемен ризик од повреди поради ниските температури, снегот и мразот. Лизгавите тротоари и замрзнатите улици се честа причина за падови и повреди.

Дополнително, возењето во зима е потешко – поради снег на коловозот, мраз, намалена видливост од магла, густа снежна покривка или леден дожд.

Во периодот на зимските спортови, скијање, сноубординг, санкање и лизгање се зголемува бројот на повреди. Добрата вест е што повеќето од нив може да се спречат со претпазливост, добро информирање и соодветна подготовка. Лизгавите и замрзнатите површини се најчеста причина за падови. Последиците можат да бидат од лесни модринки и исекотини, до посериозни скршеници и повреди на зглобови.

-Избегнувајте излегување кога тротоарите и улиците не се исчистени. Ако мора да излезете, движете се бавно, со кратки и сигурни чекори. Гледајте пред себе и внимавајте на лизгави делови. Носете удобни чевли со ѓонови кои не се лизгаат. Не ги држете рацете во џебовите и избегнувајте тешки товари, за да ја задржите рамнотежата. При одење по скали, секогаш држете се за рачката и внимателно стапнувајте. При влегување во објекти внимавајте, подовите често се влажни. Потсетете ги децата и постарите лица на овие совети, тие се најподложни на повреди при пад, апелираат од ИЈЗ.

Совети за управување со возило во зимски услови

 

Пред почетокот на зимата проверете дали возилото е опремено со зимски гуми и потребна опрема. Избегнувајте возење кога има густа магла, снежна бура или замрзнат коловоз. Возете внимателно без нагли свртувања, кочења или забрзувања. Секогаш користете сигурносен појас и вклучени светла. Не седнувајте зад волан под дејство на алкохол. При силен ветер намалете ја брзината и држете поголемо растојание. Информирајте се за состојбата на патиштата пред тргнување.

Општите препораки за зимска безбедност од ИЈЗ се граѓаните да се облекуваат во слоеви и да ја прилагодат облеката на временските услови.

-Пијте доволно течности, особено ако сте физички активни. Проверете ја исправноста на уредите за греење и редовно одржувајте ги. Осигурете се дека оџаците и издувните канали се чисти. Никогаш не го оставајте автомобилот со вклучен мотор во затворен простор – постои опасност од труење со јаглерод моноксид. Внимавајте со пиротехниката, неправилна употреба може да предизвика сериозни повреди. Не дозволувајте деца да ракуваат со петарди или други пиротехнички средства. Чувајте топли пијалаци подалкеу од дофат на деца за да избегнете изгореници, велат од ИЈЗ. 

Безбедната зимска рекреација вклучува носење заштитна кацига при скијање, сноубординг и лизгање.

-Користете само уредени и обележани терени. Научете ги децата како безбедно да се санкаат и избегнувајте опасни локации со препреки или мраз. Не консумирајте алкохол за време на спортските активности, тоа ја нарушува рамнотежата и координацијата. Користете квалитетна и соодветна опрема, велат од Институтот за јавно здравје. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот