Белгија в среда ќе решава за поддршка на кандидатурата на Рејндерс
Владата на Белгија в среда ќе решава дали да ја поддржи кандидатурата на еврокомесарот за правда, Белгиецот Дидие Рејндерс за нов генерален секретар на Советот на Европа, објави белгискиот весник „Либер“.
Препорачано
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова не е прв обид на Рејндерс за заземање на водечката функција во Советот на Европа. Тој за оваа позиција се кандидираше и во 2019 година, кога беше белгиски вицепремиер и министер за надворешни работи и одбрана, но при гласањето беше поразен од актуелната генерална секретарка на Советот на Европа и тогашна шефица на хрватската дипломатија Марија Пејчиновиќ Буриќ, со резултат 159 наспроти 105 гласа.
Најавата за кандидатурата на Рејндерс доаѓа откако неговиот сопартиец од белгиското либерално Реформско движење (МР) и претседател на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во саботата соопшти дека ќе биде носител на партиската листа за изборите за членови на Европскиот парламент во јуни. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека МР би освоила двајца европратеници, што ги намалува шансите на Рејндерс да добие место во Европскиот парламент, а мала е веројатноста дека одново би бил и белгиски кандидат за еврокомесар. Во такви услови, 64-годишниот Рејндерс повеќе преферира да си обезбеди нова „европска функција“, отколку да се врати на белгиската политичка сцена.
Изборите за нов генерален секретар на Советот на Европа се предвидени за јуни, а сегашниот мандат на Пејчиновиќ Буриќ истекува во септември годинава, кога Рејндерс се уште би бил член на актуелната Европска комисија, чиј мандат пак завршува во октомври.
Засега не е познато дали Рејндерс ќе се повлече од Европската комисија доколку стане кандидат за генерален секретар на Советот на Европа, по примерот на некои негови актуелни и поранешни колеги еврокомесари.


