Белгија: Полициска рација во канцеларијата на ЕУ во рамките на истрага за измама и корупција
Белгиската полиција денеска изврши рација во дипломатската служба на ЕУ во Брисел, заедно со Колеџот на Европа во Бриж и приватни домови, како дел од истрагата за наводна злоупотреба на средствата на ЕУ, според луѓе запознаени со истрагата и сведоци, објави „Еурактив“.
Препорачано
Околу 10 полицајци во цивилна облека влегле во седиштето на Европската служба за надворешна акција утрово во 7:30 часот, изјави очевидец. Друг официјален претставник на ЕУ од дипломатската служба на ЕУ ја потврдил рацијата, според „Еурактив“.
Претресите — кои беа спроведени на барање на Европското јавно обвинителство (ЕППО) и одобрени од истражниот судија и Белгиската федерална полиција — беа спроведени во Европската служба за надворешна акција во Брисел, во зградите на Колеџот на Европа во Бриж и во приватни домови, се вели во соопштението на Европското јавно обвинителство.
Белгиските власти ја истражуваат Дипломатската академија на Европската Унија.
Кривичната истрага беше покрената по обвинувањата дека Европската служба за надворешни работи и Колеџот на Европа проневериле јавни пари на ЕУ во 2021 и 2022 година, според четири лица запознаени со истрагата, објави „Еурактив“.
Европскиот јавен обвинител соопшти дека има „силни сомневања“ дека правилата за „фер конкуренција“ биле прекршени кога „доверливи информации за тековната постапка биле доставени до еден од кандидатите што учествувале во натпреварот“.
Висок функционер на ЕУ изјави за „Политико“ дека рациите се поврзани со истрага што започнала пред Каја Калас да ја преземе функцијата шеф на одделот за надворешна политика на блокот.
Белгиската федерална полиција од Западна Фландрија и канцеларијата на ЕУ за борба против измами, ОЛАФ, учествуваа во операцијата како дел од кривична истрага предводена од Јавното обвинителство на ЕУ (ЕППО).
Истражителите испитуваат дали Колеџот на Европа или неговите претставници имале претходно знаење за јавен конкурс, кој е финансиран од Европската служба за надворешна акција.
Истражителите се фокусираа на околностите околу купувањето на зграда на улицата Шпанјардстрат во Бриж од страна на колеџот, вредна 3,2 милиони евра, во која се сместени дипломати кои студираат на академијата, изјавија четири лица запознаени со истрагата, според „Еурактив“.
Истражителите ги испитаа наводите дека Колеџот на Европа и неговите претставници имале пристап до доверливи информации за натпреварот, кои требало да останат доверливи за да се овозможи фер конкуренција меѓу институциите што ќе конкурираат за домаќинство на новата академија.
Се забележува дека нема индикации дека се појавиле какви било докази за прекршок и никој сè уште не е формално обвинет.


