Беќири: Ги имаме сите предуслови да дојдеме до добар резултат против Слован Братислава
В четврток (11 декември) фудбалерите на Шкендија ќе го играат својот петти натпревар оваа сезона во Конференциската лига, а противник е Слован Братислава од Словачка.
Препорачано
Мечот ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 18.45 часот.
Тетовските „црвено-црни“ со гостинскиот пораз од 1:0 на гостувањето кај косовската Дрита ги намалија шансите за пласман во нокаут-фазата, но со нови бодови од дуелот со Слован Братислава може да се вратат во игра за едно од местата кои водат во 1/16 финалето од клупското натпреварување.
Моментно актуелниот македонски шампион е на 25 позиција со четири бодови, само еден помалку од Омонија, КуПС, Ноа и Риека кои засега се на позициите кои водат во следната фаза. Слован Братислава е на 29 место со три бодови и еден запишан триумф во минатото коло дома над Рајо Ваљекано (2:1).
Своите очекувања за утрешниот дуел ги сподели тренерот на ФК Шкендија, Јетон Беќири:
– Верувам дека имаме исклучително квалитетен противник кој беше и во групите од Лигата на шампионите минатата година, но секогаш кога играме дома, кога играме во Скопје, имаме позитивни настапи. Дури и против екипата на Слован Братислава, се надевам дека тимот ќе се изрази на најдобар можен начин и сум многу уверен дека ги имаме сите предуслови и можности да обезбедиме резултат, кој потоа во последниот натпревар ќе ни даде утеха да можеме да се пласираме меѓу 24-те најдобри екипи – изјави Беќири на прес-конференцијата.
Во последното шесто коло од лигашката фаза на КЛ, Шкендија ќе игра на гости во Кипар против АЕК Ларнака на 18 декември.
– Утре мора да го дадеме својот максимум и да го добиеме натпреварот и зошто да не се пласираме понатаму. Што се однесува до навивачите, нормално е дека тие се дополнителна мотивација за нас. Утре очекувам да бидат во што поголем број. Очекувам поддршка од „Балистите“, бидејќи тие се наш број 12 и верувам дека ќе ни го олеснат патот до победата – вели капитенот на екипата, Бесарт Ибраими.


