Фото: Coconuts

Бегање од брак или долгорочни врски: Дали само ги избегнувате обврските или имате фобија?

За некои луѓе, самата помисла на брак буди убави чувства – возбуда, романса, сигурност и визија за заеднички живот. За други, истата таа помисла предизвикува вознемиреност, нервоза, па дури и вистинска паника. Интензивниот и долготраен страв од брак и врзување е познат како гамофобија.

Што претставува гамофобијата и дали влијае само на љубовниот живот?

Иако често се сведува на незрелост или обичен страв од обврски, гамофобијата е многу посериознa психолошкa состојба. Таа подразбира силно чувство на нелагодност или страв при самата помисла на влегување во врска, особено онаа со перспектива, стапување во брак или каков било долгорочен емоционален ангажман. Овој страв може да го отежни создавањето блиски односи, а понекогаш и сериозно да го попречи секојдневното функционирање.

Како и кај другите фобии, стравот не е пропорционален со реалната опасност. Симптомите се упорни и траат најчесто подолго од шест месеци.

Како да препознаете дека станува збор за гамофобија? Кои се симптомите?

Гамофобијата не е исто што и природна претпазливост или блага несигурност пред важен животен чекор.

Кај лицата со оваа фобија, самата мисла на сериозна врска или брак предизвикува интензивни емоционални и физички реакции како:

– анксиозност

– панични напади

– чувство на гушење

– немир

– болка во градите

– вртоглавица

– забрзано дишење или хипервентилација

– потење

– забрзано чукање на срцето

– трема, тресење

– чувство на „надоаѓачка катастрофа“

Луѓето со гамофобија често ги прекинуваат врските веднаш штом станат сериозни или целосно ги избегнуваат. Ова доведува до емоционална изолација и чувство на осаменост.

Како се дијагностицира гамофобија?

Гамофобијата не е посебно наведена дијагноза во Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања, но нејзините симптоми се вбројуваат во категоријата на специфични фобии или анксиозни нарушувања.

За да се постави дијагноза на специфична фобија, треба да се исполнат следниве критериуми:

– непосредна анксиозна реакција при изложување на стравот (во овој случај – идејата за брак или врска)

– избегнување или трпење на ситуацијата со интензивно страдање

– значајни пречки во секојдневниот живот

– симптомите траат најмалку 6 месеци

– не се резултат на друго ментално пореметување

Што ја предизвикува гамофобијата?

Како и многу други фобии, гамофобијата најчесто се развива под влијание на неколку фактори – генетика, воспитување, лични искуства и културен контекст. Истражувања покажуваат дека социјалниот притисок, финансиските обврски, очекувањата од семејството и општеството можат да играат улога во појавата на овој страв.

Истражување спроведено меѓу жени во Кина ги идентификуваше следниве најчести причини:

– желба за лична независност

– негативни примери на бракови

– страв од ново семејство

– детски трауми
– фокус на кариера и самореализација

– страв од стареење и социјални очекувања

– влијание на медиуми

– несигурност околу родителството

– високи стандарди при избор на партнер

– трауматски искуства

Лични трауми, како разводи, неверства или семејно насилство, често стојат во коренот на овој проблем. Децата кои пораснале во средини со нестабилни односи или конфликти можат несвесно да развијат страв од блискост.

Генетика и семејно влијание

Фобиите имаат и генетска основа, околу 30 до 40% од случаите имаат наследна компонента. Но, однесувањето и ставовите што ги учиме во семејството играат уште поголема улога – начинот на кој ги доживуваме врските често се формира уште од раното детство.

Како се лекува гамофобијата?

Добрата вест е дека оваа состојба е излечива. Најефективниот пристап е психотерапија, особено со поддршка од стручно лице.

Когнитивно-бихејвиоралната терапија е една од најуспешните методи. Таа им помага на луѓето да ги препознаат и променат деструктивните обрасци на размислување и да изградат здрави уверувања за врските.

Терапија со изложување постепено ја намалува чувствителноста преку соочување со ситуациите што предизвикуваат страв.

EMDR терапија (терапија за десензибилизација и повторна обработка преку движење на очите) е особено корисна ако гамофобијата е резултат на траума.

Лекови

Во некои случаи, психијатар може да препорача антидепресиви или анксиолитици, особено ако е присутен и друг анксиозен поремет. Најдобри резултати се постигнуваат кога лекувањето се комбинира со терапија.

Како да се справите со гамофобијата?

Ако чувствувате длабок страв од обврзување, првиот чекор е самоосвестување и желба за промена. Еве неколку практични совети:

– Размислете за минатото: Дали ги саботирате врските кога стануваат сериозни?

– Преиспитајте ги вашите желби: Можеби не сте подготвени за сериозна врска – и тоа е во ред. Но, ако стравот ве спречува да го остварите она што навистина го сакате, време е за акција.

– Водете дневник: Пишувањето ќе ви помогне да ги откриете несвесните модели на размислување.

– Вежбајте техники за релаксација: Медитација, дишење и јога можат да помогнат во моменти на страв.

Гамофобијата може сериозно да го наруши квалитетот на живот – од самодовербата до социјалните релации. Но, стравот од блискост не мора да биде крај на вашата љубовна приказна. Со помош и поддршка, можно е да го надминете.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот