Барселона продаде 10 отсто од ТВ правата за Ла Лига и инкасира 207 милиони евра
Барселона денеска продаде 10 отсто од телевизиските клупски права за натпреварите во Ла Лига во следните 25 години на американскиот фонд „Сикс Стрит “, за сума од 207,5 милиони евра, соопшти каталонскиот клуб.
Препорачано
– Со оваа трансакција Барселона остварува вкупна капитална добивка од 267 милиони евра за тековната сезона – стои во соопштението на клубот.
Барселона се наоѓа во големи финансиски проблеми, а каталонските медиуми пренесуваат дека клубот без овој договор би ја завршил годината со минус од 150 милиони евра.
– Ги активираме економските одлуки и ја спроведуваме нашата трпелива, одржлива и ефикасна стратегија за зајакнување на финансиската ситуација на клубот – рече
Жоан Лапорта, претседател на Барселона.
Продажбата на телевизиските права е една од двете финансиски одлуки кои беа донесени на минатонеделната седница на собранието на клубот, со цел што побрзо да се зголемат приходите и да се овозможи доведување на играчи.
Со потпишувањето на договорот, Барселона конечно ќе може да ги регистрира засилувањата Френк Кеси и Андреас Кристенсен, а ќе може да достави нова подобра понуда за Роберт Левандовски, откако Баерн Минхен одби 45 милиони и бара уште 15 милиони евра.


