Jирген Клоп/EPA-EFE/ANDY RAIN

Австријците најавуваа заминување на Клоп од Ред Бул, брзо стигна одговор од компанијата

Јирген Клоп во моментов има советничка улога во рамките на спортскиот систем на Ред Бул, каде е задолжен за фудбалската стратегија на клубовите под капата на компанијата.

Сепак, сѐ погласни се шпекулациите дека германскиот стратег веќе следното лето би можел да се врати на тренерската клупа. Главната причина за ваквите приказни е ситуацијата во Реал Мадрид, кој неодамна остана без прв тренер. Во моментов екипата ја води Алваро Арбелоа, но впечатокот е дека „кралскиот клуб“ чека лето за да донесе звучно име.

Клоп има договор со Ред Бул од почетокот на 2025 година, според кој соработува со РБ Лајпциг, Њујорк Ред Булс, Ред Бул Брагантино и Ред Бул Салцбург. Договорот му трае до 2029 година, но австриските медиуми шпекулираа дека не е исклучена можноста тој да замине и порано од предвиденото.

Според одредени информации, неговата позиција повеќе не била толку недопирлива, а се споменува и можноста да биде наследен од Оливер Гласнер, актуелниот тренер на Кристал палас. Но, ваквите гласини експресно ги демантираше еден од водечките луѓе на компанијата, Оливер Минцлаф.

„Тоа се целосни бесмислици и неосновани тврдења. Напротив, ние сме задоволни од работата на Јирген. Тој вложува огромна енергија, постојано комуницира со тренерите и спортските директори и развива одржлива фудбалска филозофија. Убедени сме дека е вистинскиот човек за оваа позиција“, порача Минцлаф.

Кога станува збор за можната тренерска позиција во Мадрид, раководството на Реал навистина размислува за големи имиња. Покрај Клоп, се споменуваат и Зинедин Зидан, кој наводно има договор да ја преземе француската репрезентација, потоа Томас Тухел, кој ја води англиската селекција, како и германскиот селектор, Јулијан Нагелсман.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот