Вејпинг - електронски цигари/Фото: Wikimedia Commons

Австралиски научници: Вејпингот веројатно предизвикува рак на белите дробови и на усната празнина

Вејпингот веројатно предизвикува рак на белите дробови и усната празнина, заклучиле австралиските истражувачи во еден од досега најдеталните прегледи на доказите, повикувајќи ги регулаторите да дејствуваат веднаш, наместо со децении да чекаат за конечна проценка на ризикот. Истражувачите откриле рани предупредувачки знаци во телото кои се силно поврзани со ризикот од рак, вклучувајќи оштетување на ДНК и воспаленија, пишува „Гардијан“ .

Експертите за рак, предводени од Универзитетот Њу Саут Велс во Сиднеј, ги анализирале доказите од студии на животни, извештаите за случаите кај луѓе и лабораториските истражувања објавени помеѓу 2017 и 2025 година. Прегледот, објавен вчера во списанието „Карциногезис“, утврдило дека вејпингот е поврзан со преканцерозни промени во телото.

– Нема сомнение дека клетките и ткивата на усната празнина, устата и белите дробови се менуваат со вдишување на пареата од е-цигари. Откривме дека електронските цигари веројатно предизвикуваат рак на белите дробови и рак на усната празнина – рекол соавторот на студијата, вонреден професор Бернард Стјуарт.

Бидејќи современите е-цигари се изумени дури на почетокот на 2000-ти години, сè уште нема доволно долгорочни податоци за голем број корисници кои развиле рак за да се утврди конечниот ризик.

Многу корисници на е-цигари исто така пушат, што го отежнува разликувањето на ефектите од самото вејпирањето од оние на тутунот. Поради овие причини, прегледот не мерел колку луѓе би можеле да развијат рак од вејпирање, туку проценувал дали тоа предизвикува видови биолошки промени за кои е познато дека доведуваат до болести.

Меѓутоа, прегледот вклучуваше извештаи од стоматолози кои забележале рак на усната празнина кај луѓе кои исклучиво користеле електронски цигари и никогаш не пушеле. Исто така, биле испитани студии врз животни. Стјуарт навел истражување кое открило дека глувците изложени на пареа од електронски цигари развиле тумори на белите дробови со поголема стапка од глувците кои не биле изложени.

Всушност, ваквите наоди можеби не мора нужно да се пренесуваат директно на луѓето.

– Врз основа на сите овие сознанија утврдивме дека електронските цигари веројатно предизвикуваат рак на белите дробови и на усната празнина, иако не можеме да кажеме колкав ќе биде товарот – рекол тој.

Ризикуваме да ја повториме истата судбина како пушењето

Главниот автор на студијата, епидемиологот и вонреден професор Фреди Ситас, потсетил дека биле потребни 100 години собирање докази пред американскиот министер за здравство да го признае пушењето како причина за рак на белите дробови во 1964 година.

Калвин Кокран, научен соработник на Универзитетот во Отаго во Нов Зеланд, рекол дека речиси 8.000 студии на крајот биле оценети за тој заклучок, и покрај раните предупредувања кои често биле отфрлени или дискредитирани, дури и од лекарите.

– Ризикуваме повторување на истата судбина со вејпингот ако не ги сфатиме сериозно новите истражувања и предупредувачките знаци. Секоја таква студија треба сериозно да биде разгледана од страна на владите и здравствените организации. Веројатно никогаш нема да дојде време кога дефинитивно ќе можеме да кажеме дека вејпирањето предизвикува одредени видови рак. Тоа е со години, а најверојатно и децении далеку – предупредил Кокран.

Вејпирањето не е алтернатива на пушењето

Ситас додал дека, додека на пушачите некогаш им се гледало низ прсти, истото не смее да се применува на вејпингот со оглед на јачината на податоците за канцерогености.

– Секогаш претпоставувавме дека вејповите се побезбедни од цигарите, но она што го покажуваме е дека тие можеби сепак не се безбедни. Немаме дефинитивен начин да ги одвикнеме луѓето од вејпинг. Кај пушењето, имаме методи како никотински гуми за џвакање и разни лекови, додека доказите за откажување од вејпингот се многу неубедливи – рекол тој.

Ситас нагласил дека регулаторите мора да дејствуваат за да ги заштитат луѓето, особено децата, од штетни последици.

– Важно е регулаторите да имаат на располагање цел спектар на докази. Вејпингот не е алтернатива на пушењето. Во однос на безбедноста, тоа не е алтернатива на ништо. Опасно е, и тоа е пораката – заклучи тој.

Професорот Стивен Дафи од Универзитетот Квин Мери во Лондон смета дека би било „претерано толкување“ да се каже дека вејпингот е подеднакво штетен како и пушењето врз основа на ова истражување, бидејќи „вејпирањето не вклучува изложеност на производи од согорување како кај пушењето, кои имаат огромни канцерогени ефекти“.

Но, Стјуарт одговорил дека, иако вејпирањето често се споредува со пушењето, важно е да се процени дали може да предизвика рак „само по себе“.

– Оваа студија е првата што тврди дека веројатно постои зголемен ризик од рак кај луѓето кои вејпираат во споредба со оние кои не го прават тоа. Оваа информација е особено важна за младите луѓе кои никогаш не пушеле. Вејпингот не е безбедна алтернатива на пушењето за непушачите. Резултатите од овој труд потврдуваат дека законите на Австралија, кои пристапот до вејпови го ограничуваат само на аптеките за луѓето што ги користат за да се откажат од пушењето, се правилен пристап – се надоврзала професорката Беки Фримен, истражувачка за контрола на тутунот на Универзитетот во Сиднеј.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот