Авганистанските новинарки им пркосат на талибанските власти, одбиваат да го покријат лицето

Фото: EPA-EFE/STRINGER

Водителките во големите авганистански телевизиски станици денеска се појавија во програма со непокриени лица и на тој начин и прекосеа на наредбата на талибанците жените во Авганистан задолжително да го покриваат целото лице во јавност.

Откако се вратија на власт минатата година, талибанците воведоа сериозни ограничувања за населението, од кои многу се однесуваат на правата на жените.

На почетокот на овој месец, највисокиот лидер на талибанците издаде наредба жените во јавност да бидат целосно покриени, вклучувајќи го и лицето, советувајќи ги да бидат во традиционална бурка. Порано беше доволно да се покрие само косата со марама.

Задолжителна бурка во јавност за жените во Авганиста/Фото: EPA-EFE/STRINGER

Авганистанското Министерство за промоција на доблести и спречување на пороците, исто така, им нареди на ТВ презентерките да ја почитуваат нивната одредба, која стапи на сила денеска. Но, новинарките од TOLOnews, Shamshad TV и 1TV се појавија во живо на програмата без покриени лица.

„Нашите сестри се загрижени дека ако ги покријат лицата, ќе им биде наредено да престанат да работат потоа и затоа не ја исполниле наредбата“, изјави за АФП Абид Ехсас, водител на вести на ТВ Шамшад.

Но, портпаролот на Министерството за промоција на доблести и спречување на пороци, Мохамад Садек Акиф Мохаџир, ги предупреди дека ја прекршуваат владината наредба.

„Сите оние кои живеат во одреден систем мора да ги почитуваат законите и прописите на тој систем и да се придржуваат до наредбата“, рече тој.

Отказ соколку не се придржуваат до кодексот на облекување

Талибанците наредиле и жените вработени во владините тела да бидат отпуштени доколку не се придржуваат до новиот кодекс на облекување.

Казни за жените во Авганистан кои нема да носат бурка надвор/Фото: EPA-EFE/STRINGER

Талибанците повторно ја презедоа власта во Авганистан во август минатата година, најавувајќи пофлексибилен режим отколку за време на нивното прво, ригорозно владеење. Но, во последните месеци тие почнаа да ги намалуваат слободите на своите граѓани, особено на жените.

Најпрво од нив беше побарано да носат само хиџаб, марама што ја покрива главата, но го открива лицето. Потоа, на почетокот на мај наметнаа обврска да го носат целиот превез, по можност бурка. Ваквите правила беа на сила од 1996 до 2001 година, кога Талибанците првпат дојдоа на власт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот