Атанасов: Дојдовме до посакуваниот трофеј, сезонава одиме на секој меч на победа

фото: kfsm.mk

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со одлична игра, особено во второто полувреме, лесно и убедливо го совладаа Феникс 2010 (76:54) и дојдоа до шестиот трофеј во Суперкупот во клупската историја.

Тренерот на МЗТ, Васко Атанасов, одлично ги искористи речиси сите играчи од клупата, го распредели речиси рамномерно товарот врз сите, поради што и немаше некој што премногу се експонира, туку сите играа тимски.

Аеродромци ќе стартуваат во македонскиот кошаркарски шампионат следниот викенд и тоа со гостување кај Кожув.

– Имавме едно лошо прво полувреме во напад и во одбрана, но во вториот дел бевме доста подобри и дојдовме до посакуваниот трофеј. Честитки до мојата екипа за победата и за трофејот кој ни беше зацртан да се освои. Целите се јасни за нас оваа сезона, одиме на секој меч на победа и на домашната сцена и во АБА-2 и се надевам на успех – изјави Атанасов по завршувањето на натпреварот во СРЦ „Кале“.

Тренерот на Феникс 2010, Денис Дервишевиќ му ја честиташе победата на Атанасов:

– Најпрво, би сакал да му честитам на МЗТ Скопје за победата, заслужено победија во мечот и го освоија Суперкупот. Ние добро тргнавме во дуелот, меѓутоа во последните две минути од вториот квартал имавме брзоплети шутеви и МЗТ од минус четири го сврти мечот во своја корист. На полувреме говоревме да играме поагресивно во одбраната и подобро во нападот, меѓутоа не успеавме да одговориме, МЗТ Скопје замина на „плус 15“ и мечот веќе беше во нивна корист.

Ние бевме дефицитарни на овој меч, игравме без нашиот најдобар играч Андреј Митревски, плус имаме нови играчи со кои треба да работиме уште на системот и да бидеме комплетни. Времето е пред нас, во првото коло нè чека Чаир, одиме и во ФИБА Европа Купот и се надевам дека ќе бидеме на повисоко ниво – вели Дервишевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот