Суперкуп „Драган Василов-Цевка“: МЗТ однесе уште еден пехар во Аеродром

фото: kfsm.mk

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром имаа одлично второ полувреме во кое го скршија отпорот на Феникс 2010, за победа (76:54), и нов трофеј во витрините. Одлична увертира во новата сезона направи актуелниот бранител на домашните титули. Во натпреварот во кој го бранеа пехарот наменет за најдобрата екипа во Суперкупот „Драган Василов-Цевка“, беа подобри од екипата со која во изминатата сезона играа во финалето на Купот на Македонија, Феникс 2010.

Доста „тврдо“ одиграа двете екипи во првите 20 минути, извесно и поради недоволната воиграност на двете страни, особено ако се земе в предвид дека и двата ривали направија голем број промени во оној играчки ростер во текот на летната пауза. Па оттука, овој меч беше и „добредојден“ и за шампионот, и за финалистот на Купот на Македонија.

фото: kfsm.mk

Резултатски гледано, Феникс 2010, беше екипата која креираше водство кое може да се опише како солидно. Таков беше примерот, во 16 минута, кога Феникс 2010 поведе со (27:23). Сепак, МЗТ имаше подобар финиш во втората четвртина, доволно да направи и резултатски пресврт. Односно на полувреме да „понесе“ плус од исто толку поени (33:29).

Фуриозни пет минути во третата четвртина имаа аеродормци во кои направија серија од 15:2 за повеќе од убедливи 48:31. Тешко доаѓаа играчите на тренерот Денис Дервишевиќ (не можеше да смета на капитенот Андреј Митревски), до поени во тој дел од играта. А кога веќе се стекнаа со двоцифрена предност, популарните „металци“ повеќе немаа намера да ја испуштат…Крајот на третата четвртина, фаворитот во овој меч ја дочека со уште повисока позитива (60:44).

фото: kfsm.mk

Како најава за новиот трофеј кој заслужено го носат во Аеродром, вкупно шести за МЗТ Скопје во историјата на ова натпреварување. Немаше големи промени во играта во оние последни 10 минути. „Сино-белите“ немаа намера да попуштат. „Притиснаа“ уште повеќе, особено во одбраната. Го ограничија противникот на мал број на поени, што беше и клучно за конечниот резултат на премиерниот меч од новата сезона во македонската клупска кошарка.

Војдан Стојановски го предводеше победникот со 13 поени, Расел постигна 12, а Д.Стојановски, Ворку и Танасковиќ по осум. Кај Феникс 2010 со 18 поени најефикасен беше Шакур. Џозеф додаде 12 поени, а Трајковски и Каилекс имаа по девет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот