АСОМ: Без работа ќе останат 7.700 луѓе со новиот Закон за игрите на среќа

Тие апелираат до пратениците уште еднаш да го преиспитаат ставот за усвојување на измените на Законот за игрите на среќа.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) предупредува дека со предлог измените на Закон за игрите на среќа и забавните игри кои се на дневен ред на 131-та собраниска седница, 7.700 луѓе преку ноќ остануваат без работа.

Апелираат до пратениците уште еднаш да го преиспитаат ставот за усвојување на измените на Законот за игрите на среќа.

– Дали се подготвени да избришат една цела стопанска гранка која дава значаен придонес во државниот буџет и директно вработува 7.700 луѓе кои индиректно подржуваат 54.000 работни места во други стопански гранки? Дали се подготвени да ризикуваат да избришат една целосно регулирана индустрија и да создадат услови за нелегално обложување и сива економија?, предупредува Васко Илијевски, претседател на АСОМ.

Како што стои во соопштението од АСОМ, измените на Законот се носат без соодветни претходни анализи на состојбата, социјални и финансиски импликации кои истите би ги предизвикале. За своето работење, се посочува, спортските обложувалници плаќааат лиценци кон државата кои им гарантираат услови за работа во периодот за којшто е издадена таа лиценца. На основ на издадената лиценца, појаснуваат од АСОМ, приредувачите на игри на среќа во обложувалница ги прават своите проекции за инвестирање, нови вработувања и развој.

– Условите кои ги наметнува новиот закон значат прекин на правата кои ги регулира лиценцата. Како државата ќе ги обештети и надомести средствата дадени за лиценца и инвестиции по секое уплатно место? Освен за обложувалниците, ова ќе значи и огромна загуба за државата која притоа ќе ги загуби и 253 милиони евра, кои по основ на давачки и даноци секоја година се слеваат во државната каса, се подвлекува во соопштението.

Асоцијацијата на спортски обложувалници констатира дека со ваквиот предлог закон ќе се предизвика правна несигурност на страната на субјектите на кои им е издадена лиценца со точно одреден рок на важење согласно Законот за игри на среќа.

– Ваквиот предлог Закон прави директен упад во издадените и веќе постоечки лиценци. Заради наметнатата обврска на усогласување кое не било предвидено во моментот на издавање на лиценците, со барање или поведување на постапки за нанесена материјална штета која ќе ја претрпат обложувалниците, може да се предизвика и директна материјална штета по буџетот во тековната или наредните фискални години, велат од АСОМ.

Со Министерството за финансии, АСОМ во изминатиот период има остварено средби и доставено соодветни барања и мислења за начинот на регулирање на индустријата, со кои нема да се предзвика штета ниту на субјектите коишто се лиценцирани ниту на буџетот, а притоа ќе се зајакнат стандардите и начинот на работа на друштвата кои се лиценцирани. Во АСОМ сметаат дека во овој момент, Министерството за финансии треба да излезе со свој став и мислење по предлог законот.

– Предлозите кои ги доставивме и ставовите кои се разгледувани со Министерството со финансии се компаративни со регулативата во земјите членки на европската унија, и истите се во насока на тоа дека ниту една европска земја не ја разгледува можноста за забрани, туку квалитетно регулирање на игрите на среќа, стои во соопштението од АСОМ.

Инаку, АСОМ е организација која се залага за поволна бизнис клима за индустријата, безбедно опкружување за своите вработени и играчи, одговорен пристап кон игрите на среќа во обложувалница, како и социјална и економска вредност во заедницата. Во АСОМ членуваат петте најголеми псортски обложувалници: Моцарт, Спор Лајф, Златна Копачка, Евротип и Марбет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот