Насловна корица на романот „Амадока“

„Артконект“ го објави романот „Амадока“ од украинската писателка Софија Андрухович

Најпознатиот и најуспешен роман „Амадока“ на украинската писателка Софија Андрухович е објавен на македонски јазик во издание на „Артконект“, во превод на Ацо Пероски, а со поддршка од програмата „Креативна Европа“.

Романот е првично објавен во 2020 година и веднаш по издавањето добива одлични критики во Украина и стекнува статус на едно од клучните дела на современата украинска книжевност. Досега, романот е преведен на десетина светски јазици.

Приказната во „Амадока“ започнува кога еден војник е тешко ранет во конфликтните зони на истокот на Украина. За чудо, успева да преживее, но целосно го губи сеќавањето, не го памети ниту своето име, ниту своето минато, ниедна блиска личност. И токму во таква состојба го наоѓа една жена чијашто љубов и трпение се чини дека може да го направат невозможното, да му ги обноват сеќавањата и да му го вратат назад изгубениот живот.

Преплетувајќи митологија, филозофија, историја, биографии на реални личности и референции на цела низа книжевни дела, Андрухович стрпливо и вешто гради мозаик од приказни во кој сите делови полека се склопуваат и создаваат широк панорамски приказ на историјата на една земја.

Софија Андрухович (Ивано-Франкивск, 1982) е украинска писателка и преведувачка. Студира книжевност и издаваштво, а работи како уредничка на списанија и како преведувачка од полски и од англиски јазик. Својот прв роман, „Летото на Милена“, го објавува во 2002 година, а првиот голем успех на книжевната сцена го постигнува со романот „Феликс Австрија“ (2014), за кој добива низа награди и според кој е снимен долгометражен филм.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 332, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.5.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот