Арсеновски е првото засилување на РК Тинекс Пролет, Палевски потпиша нов договор

Ракометниот клуб Тинекс Пролет го договори првото засилување за новата натпреварувачка сезона, потпишувајќи со Филип Арсеновски.
Овој 24-годишен пивот го стави потписот на договорот со Тинекс Пролет, иако за неговите услуги беа заинтересирани уште неколку клубови од Суперлигата на Македонија.
Арсеновски е поранешен кадетски и младински репрезентативец на Македонија. Неколку сезони го носеше дресот на Металург од каде во 2020 година се пресели во редовите на Еурофарм Пелистер. До почетокот на оваа година настапуваше за тимот на Еурофарм Пелистер 2, по што се пресели во швајцарскиот прволигаш Амичитиа Цирих од каде сега доаѓа во Тинекс Пролет.
Се очекува да биде достојна замена за Михаил Аларов кој пред неколку месеци го напушти Тинекс Пролет и се пресели во редовите на Вардар.
Тинекс Пролет воедно успева во намерата да ги задржи клучните играчи во тимот, па по потпишаниот договор со голманот Данило Михаљевиќ денеска и официјално беше продолжена соработката и со Давор Палевски.
Крилниот ракометар е повремен член на репрезентацијата на Македонија и во последните сезони е меѓу најдобрите стрелци во таборот на Тинекс Пролет, што беше доволна препорака за двете страни да се договорат за продолжување на престојот на Палевски кој потпиша нов договор на уште две сезони.
РК Тинекс Пролет ќе има исклучително квалитетен и перспективен тандем на позицијата лево крило каде што е и младиот Михаел Тотиќ.