Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Аракчи: Иран нема доверба во Америка

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, им рече на новинарите во Њу Делхи дека сите бродови можат да минуваат низ Ормускиот Теснец, освен оние што се „во војна“ со Техеран, доколку го координираат минувањето со иранската морнарица.

Техеран нема доверба во САД и е заинтересиран за преговори со Вашингтон само ако тој е сериозен, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, додека разговорите за завршување на војната остануваат во застој, пренесе „Ројтерс“.

Аракчи им рече на новинарите во Њу Делхи дека сите бродови можат да минуваат низ Ормускиот Теснец, освен оние што се „во војна“ со Техеран, доколку го координираат минувањето со иранската морнарица.

Но, ситуацијата околу водениот пат, кој е од клучно значење за глобалните енергетски и стокови пазари, е „многу сложена“,, додаде тој за време на посетата на Индија, каде што присуствува на состанок на министрите за надворешни работи на БРИКС.

Во објава на „Икс“, Аракчи напиша дека му кажал на индискиот министер за надворешни работи Субраманјам Џаишанкар дека „Иран секогаш ќе ја извршува својата историска должност како заштитник на безбедноста во Ормускиот Теснец“.

Иран фактички го затвори теснецот, низ кој во нормални услови минува околу една петтина од светската испорака на нафта и гас по морски пат, за најголем дел од бродскиот сообраќај, откако САД и Израел ја започнаа војната против Иран во февруари.

Стратешките последици од војната со Иран

Преговорите меѓу САД и Иран се во застој

Вашингтон и Техеран минатиот месец објавија прекин на огнот, но имаат тешкотии да постигнат траен мировен договор. Разговорите со посредство на Пакистан се суспендирани откако Иран и САД минатата недела ги отфрлија последните предлози на другата страна.

Аракчи рече дека „контрадикторните пораки“ ги зголемиле иранските сомнежи во вистинските намери на Американците, додавајќи дека пакистанскиот посреднички процес не пропаднал, но е во „тешкотија“.

САД и Израел во изминатите 13 месеци двапати претходно ги прекинаа разговорите со Техеран со започнување кампањи на воздушни напади врз Иран.

— Иран се обидува да го одржи најновиот прекин на огнот за да ѝ даде шанса на дипломатијата, но е подготвен и повторно да се врати на борбите — рече Аракчи.

Прашањата што ги блокираат преговорите меѓу двете страни ги вклучуваат иранските нуклеарни амбиции и контролата на Иран врз Ормускиот Теснец.

Неколку часа пред неговата изјава, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека неговото трпение со Иран е при крај и дека во разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг се согласил дека Техеран мора повторно да го отвори теснецот.

Запрашан дали Техеран е отворен за посредување од Пекинг, Аракчи рече дека Иран ги цени напорите на секоја земја што има способност да помогне.

— Имаме многу добри односи со Кина. Ние сме стратешки партнери и знаеме дека Кинезите имаат добри намери. Затоа, сè што можат да направат за да ѝ помогнат на дипломатијата би било добредојдено — рече тој.

Аракчи додаде:

— Се надеваме дека со напредокот на преговорите ќе дојдеме до добар заклучок, така што Ормускиот Теснец ќе може целосно да биде обезбеден и да го забрзаме нормализирањето на сообраќајот низ теснецот.

Иран: Нема да се покориме, навикнати сме на американски и израелски закани

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот