Иан Бремер

Стратешките последици од војната со Иран

Војната на Блискиот Исток поттикнува историско геополитичко преуредување што во текот на следната деценија ќе го промени глобалниот баланс на моќ. Размерите на промените ќе бидат споредливи со оние по завршувањето на Студената војна.

Американско-израелската војна со Иран не само што го дестабилизираше Блискиот Исток, испровоцира нагло зголемување на цените на енергенсите и другите производи, туку предизвика и нарушувања во светската економија. Војната ги натера сојузниците и ривалите на САД брзо да реагираат на потезите на непредвидлива и недоверлива суперсила. Резултатот е геополитичко прегрупирање од историски размери што ќе го измени глобалниот баланс на сили во текот на следната деценија.

Последиците од војната, природно, најмногу се чувствуваат и се најдлабоки во регионот во кој таа се води. Војната веќе успеа да убеди многу арапски земји од Персискиот Залив дека Советот за соработка на тие земји (лабав механизам за дипломатска, економска и одбранбена соработка, кој долго време е оптоварен со внатрешни несогласувања) повеќе не ја исполнува својата намена.

Судирот го засили ривалството меѓу Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, при што ОАЕ неодамна најавија излез од ОПЕК, по речиси шеесетгодишно членство. Емиратите сега ќе соработуваат потесно со Израел во областа на разузнавањето, технологијата и безбедноста, надевајќи се дека ќе го скршат иранскиот режим. Од друга страна, Саудиска Арабија ќе се обидува да најде пат до мирен соживот со Исламската Република, а истовремено ќе се зближува со Пакистан (кој поседува нуклеарно оружје), Египет и Турција, а ќе ја зајакнува координацијата со Кина.

Двата блока ќе настојуваат, во сферата на безбедноста, да ги зачуваат тесните врски со САД, иако тоа нема да биде толку лесно како порано. Една од најнепосредните и најзначајните последици од оваа војна е ерозијата на темелите за координирано донесување одлуки на Блискиот Исток.

Забележливо е и слабеењето на трансатлантските односи. Сега, кога војната против Украина ја засили загриженоста во Европа, одлуката на администрацијата на Трамп да се концентрира на Иран (а потоа и да ги критикува европските лидери што помагаат) дава нов поттик на создавањето европски систем за колективна одбрана надвор од рамките на НАТО.

Да, тешко дека американскиот претседател ќе се обиде да ги изведе САД од трансатлантската алијанса, а и Сенатот правно може да блокира таков чекор. Но Трамп на 1 мај рече дека Америка ќе повлече 5.000 од 36.000 војници што се наоѓаат во Германија. Тоа го направи само неколку дена откако германскиот канцелар Фридрих Мерц ја критикуваше војната што ја засилува загриженоста на целиот континент. Покрај тоа, Трамп го игнорираше и негодувањето на Европа поради укинувањето на низа санкции против Русија.

Резултатот е продлабочување на несогласувањата внатре во западната алијанса и зголемување на европска загриженост дека Белата куќа со текот на времето би можела да постигне заемно разбирање со Русија во сферата на безбедноста. Таквата перспектива е доволна причина за рускиот претседател Владимир Путин да ја продолжи војната во Украина и да се надева дека Русија со текот на времето, додека НАТО се распаѓа, таму ќе направи пробив.

Во Азија, фактичкото затворање на Ормускиот Теснец нанесува огромна економска штета. Како и историските партнери на САД во Европа, и нивните азиски сојузници чувствуваат несигурност кога станува збор за долгорочните обврски на администрацијата на Трамп во сферата на безбедноста и економијата. Јапонија, Јужна Кореја и Тајван имаат помалку алтернативи од Германија, Франција и Велика Британија. Нема азиски сојуз како НАТО што би ги врзал со Вашингтон, ниту пак структура слична на ЕУ што би ги поврзувала меѓусебно.

Освен тоа, врз тие земји притисок врши кинеската економска, технолошка и сè поголема воена моќ. Кина сега настапува поодлучно кон владејачката партија на Тајван и владата на Јапонија. Тие и други фактори суштински ја намалуваат веројатноста дека азиските сојузници на Америка би можеле да ги следат Европејците на патот кон поголема независност од САД.

Кога станува збор за Кина, претседателот Си Џинпинг разбира дека економијата во земјата забавува, а авантуризмот на Трамп и Путин не им носи корист ниту ним ниту на нивните земји. Затоа се воздржува од искушението да го искористи моментот и, додека американското внимание е насочено на друга страна, да преземе нови ризици.

Иранската војна, исто така, забрза уште една важна промена што ја вклучува Кина. Таа им покажа на иранските лидери и на светот колку е лесно и евтино да се затвори стратешки виталниот Ормуски Теснец за трговијата со нафта и гас. И други тесни премини, како Баб ел-Мандеб, што го одвојува Јемен од Африка, па дури и Малакскиот Теснец во Југоисточна Азија, потенцијално се во игра. А сето тоа се случува во време кога Кина е неспорен глобален лидер во одржливата енергија, електричните возила и батериите, како и во клучните минерали и нивната преработка.

Историската транзиција на Кина кон постјаглеродно производство на енергија ја прави многу попривлечен трговски партнер за најголемите светски увозници на енергија. На сите им е потребна повеќе енергија, и иако тоа краткорочно им носи корист на САД (и на доларот) како најголем светски производител на јаглеводород, ранливостите што ги откри војната создаваат огромни долгорочни можности за Кина.
Поради сите овие причини, тековниот судир на Блискиот Исток ќе ги промени меѓународните партнерства и глобалниот баланс на сили повеќе од кој било друг настан по крајот на Студената војна.

Вијести

(Авторот е член на Советодавното тело на ОН за ВИ)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот