Апасиев обвини за мафијашко работење на пајак службата, Град Скопје му врати: Не си паркирал соодветно

По обвинувањата на пратеникот Димитар Апасиев кон ЈП Градски паркинг, односно пајак службата, дека работи „во спрега со урбаната мафија“, со став излезе и градот Скопје.

-Градот работи исклучиво во корист на граѓаните и за заштита на јавниот простор. Жителите на општина Аеродром имаат воведено зонско паркирање и можат да паркираат до три автомобили по симболична годишна такса. Пратеникот паркирал автомобил на улица блокирајќи го протокот на сообраќај и непрописно паркираниот автомобил бил отстранет од службите. „Градскиот паркинг“ постојано добива пријави од граѓани за блокирани тротоари и коловози и постапува по пријавите во согласност со законот, велат од Град Скопје.

Од таму нагласуваат дека законите важат подеднакво за сите, па и за несовесните пратеници кои ги прекршуваат забраните за паркирање на автомобили на коловоз.

Апасиев објави дека неговото возило било кренато од пајак службата, и ги повика инвеститорите да обезбедуваат паркинг места за станарите при продажбата на станови. Според него, ваквата обврска ја избегнувале затоа што ги подмитувале градоначалниците со станбен простор во објектите во градба.

-Во мое маало, во Аеродром, забележувам дека скоро секое утро по пет-шест пајак возила им ги креваат колите на станарите од пред зграда, на тој начин директно терајќи ги да купуваат паркинг места од инвеститорите и градежните компании. Во нормална држава, со купувањето на станот ти следува и твое ПАРКИНГ место (пред зграда или во подземна гаража). Но, нашите инвеститори – кои ги подмитуваат градоначалниците со по стан-два за секое издадено одобрение за градба – за да спечалат екстра профит, си соработуваат со локалните власти и сообраќајната полиција, дерејќи го народот со казни, за да го присилат да им ги купува прескапите паркинг места (кои чинат 5-6.000 ЕУР по место). Оти секое земање на возилото со пајак, ќе те кошта околу 100 ЕУР (2.500 ден. за пајакот + казна за погрешно паркирање). Ете така, мој народе, на дело се дешава она што неолибералните влади го викаат “јавно-приватно партнерство“, напиша Апасиев.

Никола Наумоски, шефот на кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов на овој статус возрати со свој:

„Во нормална држава, пратеник кој што паркира на недозволено место и узурпира јавен простор, си дава оставка. Не плаче на фејсбук дека го казниле и кова планови со пријателот како на уставен да го „кутнат“ пајакот“, напиша Наумовски.

Во нормална држава, пратеник кој што паркира на недозволено место и узурпира јавен простор, си дава оставка. Не плаче на…

Posted by Nikola Naumoski on Monday, February 8, 2021

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот