Антикорупциска испрати пријава во МВР за „рекет-телевизија“
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешната седница испрати во МВР пријава што ја добиле, а која се однесува на неправилности при работата на една регионална телевизија.
Препорачано
Во пријавата, како што реферираше членката на ДКСК Билјана Каракашова Шулев, пишувало дека регионалната телевизија работи со таканаречен „рекет-систем“.
Подносителот навел дека телевизијата ги условувала јавните претпријатија да уплаќаат пари во синдикални организации, а тие синдикални организации понатаму ги уплаќале парите во телевизијата.
-Од тоа зависи кое претпријатие како ќе биде претставено на телевизијата, пишувало во пријавата.
Државната комисија за спречување корупција го испрати предметот на постапување во МВР, со оглед на тоа што нема надлежност да го испитува.
Другите пријави кои се разгледуваа на денешната седница на Антикорупциска, се однесуваа на различни тематики. Рефериран беше предмет, каде носител на функција во политичка партија во исто време бил избран и за член на Државна комисија од страна на Собранието што е незаконски. Но, проверката на Антикорупциска покажала дека лицето не извршувало партиска функција, а информацијата за тоа ја добиле од самата политичка партија и од сајтот на партијата. Предметот беше затворен.
Рефериран беше предмет според кој наставник по ликовно бил избркан од работа, а на негово место бил донесен роднина на директорот без соодветно образование и кредити. Просветниот инспекторат не нашол неправилности, а новиот кадар бил вработен како итен и неодложен во време на избори. Пријавител се жалел во Антикорупциска, дека државни просветни инспектори пропуштиле да констатираат дека двајца професори на академија биле незаконски унапредени во звања, арно ама Антикорупциска соопшти дека не се надлежни да го ценат постапувањето на просветната инспекција и затоа предметот му го прати на Министерството за образование.
Разгледана беше и пријава во која се наведува дека фонд во државата, селективно им плаќал на компании и паричните обврски не ги спроведувал кон сите, а оваа пријава ѝ беше испратена на Финансиската инспекција во јавниот сектор.


