Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина: Како да го навикнете кучето да седи само дома?

Во денешниот урбан и брз начин на живот, кога немаме време ни за еден семеен ручек во текот на работните денови, голем број семејства, сакајќи да посегнат по природата и да ја добијат топлината во домот која ја носи еден домашен миленик, се растргнуваат помеѓу обврските и можностите да ги исполнат потребите на тоа милениче и да ги завршат сите дневни обврски на работа и дома истовремено. Во оваа ситуација, најголемиот проблем е оставањето на кученцето дома само и извршување на неговите физиолошки потреби, додека сопственикот е на работа. Сопствениците на мачки се во голема предност, бидејќи мачките се многу посамостојни во однос на овие потреби.

Кученцето е сосема друга работа. Бара присуство на некој со него, бара редовно изнесување, а во почетниот период тоа може да биде и 5 пати во текот на денот, и повеќекратно хранење до возраст од 6 месеци.

Има многу алатки и опрема за да се олесни сето ова, но сепак, кога веќе сме се одлучиле да чуваме кученце, добро би било и да одвоиме доволно време за негово правилно одгледување и воспитување.

Веќе зборував што значи ново кученце во домот. Сега ќе споменеме некои начини како да го научите каде да ги извршува своите физиолошки потреби и како да останува само дома.

Најдобро е, доколку имате време од самото доаѓање кај вас дома да почнете со редовно изнесување на кутрето надвор, каде би можело да ги извршува своите физиолошки потреби од старт. И јас, како и колегите ветеринари, препорачувам да се почитува карантинскиот период додека трае вакцинацијата. Но сепак, доколку се има такво местенце, кое не е многу фреквентно за други кучиња и мачки, во близина или евентуално дворче, добро е кутрето да се изнесува надвор после јадење и спиење, за да не му се даде можност да го прави тоа дома.

Како ќе напредува вакцинацијата, согласно упатствата од матичниот ветеринар, ќе бидете се послободни со изнесувањето надвор. Не сум многу поддржувач на пелените на кои се научивме во последнив период, бидејки кучето не научува да трпи и да почека да оди на соодветното место, но сепак тие се нужно зло во денешното растење на младо кутре и нашиот забрзан начин на живот. Од друга страна, за почеток, и терасата може да понуди опција како посебно место од домот за вршење на овие потреби.

Оставањето само дома мора да почне да се вежба уште од самиот старт. После почетните неколку дена на привикнување, дури и да немате потреба да го оставате само, вие мора да почнете да ја создавате таа навика да останува само дома. Почетните излегувања од по 15-тина минути ќе ви покажат како малото го прифаќа тоа.

Секогаш излезете без да се поздравувате или правите посебни ритуали на испраќање, а истото важи и за враќањето. Знам дека моментот на радост кога сте се вратиле дома е прекрасен, но доколку претерувате со возбудата, ќе почне да плаче кога го оставате само, а може и да почне да уринира од возбуда секогаш кога ќе се вратите дома, а верувајте тоа е многу лоша и непријатна навика кога ќе порасне.

Можете да обезбедите посебно место за него, во вид на оградичка каде ќе престојува додека ве нема, но потребно е пред излегување да биде нахрането и прошетано, одн.да ги има извршено своите физиолошки потреби.

Многу од милениците, не прават проблеми и слободно пуштени во домот. Доколку почнува да лае или завива кога останува само, направете една долга прошетка пред да одите на работа, и дајте му ја омилената играчка или коскичка за грицкање и без многу испраќање, излезете.  Кога ќе се вратите, едноставно само поздравете го и продолжете внатре. По 10-тина минути можете да се погалите и поиграте. Дотогаш возбудата ќе спласне. Доколку ова редовно го применувате, набрзо ќе разбере дека вие одите и доаѓате и околу тоа не правите некоја драма, па нема да реагира ни кутрето.

Ова е во најголем број случаи начинот на кој ќе го навикнете вашето кутре без проблем. Доколку и покрај овие постапки, не се навикнува, тогаш веќе треба да побарате стручна помош за да се реагира соодветно и да се најде начин да се создаде оваа навика да останува само дома, без стресови за кутрето и  сопственикот, па и за соседите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот