Анета Николова, доктор по ветеринарна медица: Ново кученце во домот

Возбудата околу идејата за нов член во семејството, особено кога е во прашање кученце е огромна. Очекувајте радост, игра, палавштини, а најмногу љубов и среќа. Сепак, за да биде сè така, постојат и обврски и некои важни моменти на кои е потребно да се обрне внимание.

Како да се одбере куче кое ќе биде член на семејството и радост за сите?

Кучето е социјално животно кое бара внимание и посветеност и секако соодветни услови за раст и развој. Во светот постојат навистина голем број раси со соодветни карактеристики и намени, но и секоја со свои потребни услови за чување и одгледување. Доколку живеете во куќа и имате голем двор и можност за долги прошетки, можете да одберете голема раса на куче. Тие бараат простор, движење и подготвеност да се справите со такво големо куче. За стан најчестиот избор се малите раси кои не бараат многу простор и се задоволни со релативно малку движење. Секако имајте предвид дека секое куче бара време, внимание, соодветна храна, соодветна нега и здравствена заштита, како и работа на неговото воспитување. Но тоа ќе биде наша следна тема.

Кога е поволен период од годината и која е најдобра возраст за кученцето?

Најдобар период кученцето да се одвои од мајката е на околу двомесечна возраст, кога веќе престанува да се храни од мајчиното млеко. Одговорниот одгледувач до овој период треба веќе да го има научено малото да се храни само, односно да јаде друга храна освен мајчиното млеко, да го има прочистено од внатрешни паразити и да има отворено здравствен картон со примена прва, па и втора вакцина, зависно од возраста. Одговорниот одгледувач, исто така, за овој период работи на социјализацијата на кутрињата со луѓе и почетните навики за местото на извршување на физиолошките потреби. Инаку, обично пролетниот период е најидеален за вдомување на кученце кое треба да живее надвор, во двор. Кога се работи за стан, тоа не е пресудно.

Што да се направи пред да пристигне кученцето?

Пред да пристигне кученцето во домот, консултирајте се со ветеринарот: како да му ја овозможите најдобрата здравствена заштита и по кој редослед, како и што да очекувате од претходниот сопственик – досегашна вакцинација, дехелминтизација, заштита од надворешни паразити. Консултирајте се со одгледувачот: точна возраст на кученцето, досегашна здравствена заштита (поткрепено со документи), каква храна јаде, колку пати на ден, во кое време, дали почнал да го учи каде да ги извршува своите физиолошки потреби,  кои се навиките на кутрето, како да продолжите со навиките додека да внесете нови, свои навики. Одговорниот одгледувач ќе ви даде малку од храната која ја јадело или ќе ви посочи иста таква, бидејќи наглата промена на храна доведува до огромен стрес на малото стомаче, кој ќе резултира со дијареа и повраќање. Исто така, ќе ви даде некое пешкирче или покривка со мирис од неговата мајка и леглото, кои ќе помогнат полесно да го прифати новиот дом, чувствувајќи нешто свое и познато. Консултирајте се со стручно лице (бихевиорист), кое ќе ве упати како да го научите кутрето да ги извршува своите физиолошки потреби на одредено место, како да реагирате доколку плаче по мајка му, како да почнете да го учите на одредени навики и слично. Многу ми е драго кога луѓето ми се јавуваат уште пред да го земат кученцето, па навреме ги подготвувам за сè она што следи и за сите можни проблеми, кои лесно се решаваат доколку знаете како. Секако, добрите навики се градат од мали нозе и доколку навремено се научат основните, понатаму, кога ќе помине вакциналниот период, негде околу три и пол месечна возраст, подготвени сме за вистинското воспитување и работа со кутрето.

Што откако ќе дојде дома?

Откако ќе дојде дома, доколку сте се подготвиле на вистинскиот начин според претходните упатства, ви останува само да ги следите и понатаму и да уживате со вашето милениче.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот