АНБ првично утврдила дека не се шпионирало од Кабинетот на претседателката, иако Обвинителството не ја затворило постапката
АНБ во координација со Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи била дел од истрагата и засега не утврдила дека имало некаква шпионажа, иако предистражната постапка на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) последно кажа дека сè уште ја чека анализата на доказите од Секторот за компјутерски криминал и видео снимките.
Додека Агенцијата за разузнавање не ја коментира предистражната постапка на Обвинителството што истражува евентуални злоупотреби во компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и отфрла каква било вмешаност на нејзини агенти во аферата, Агенцијата за национална безбедност утврдила дека немало шпионажа во претседателскиот Кабинет.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
АНБ во координација со Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи била дел од истрагата и засега не утврдила дека имало некаква шпионажа, иако предистражната постапка на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) последно кажа дека сè уште ја чека анализата на доказите од Секторот за компјутерски криминал и видео снимките.
– Агенцијата за национална безбедност врз основа на законските надлежности во делот на попречување активности поврзани со безбедносни закани и ризици по националната безбедност, а во координација со Јавното обвинителство и МВР, уште кон крајот на 2025 година презеде мерки и активности за идентификување на околностите и на учесниците, како и процена на ризиците од противправното преземање податоци и евентуално компромитирање класифицирани информации, а во врска со сомневањата за неовластениот упад во компјутерски систем на Кабинетот на претседателката на РС Македонија. Досега преземените мерки и активности на Агенцијата не упатуваат на евентуална инволвираност на странски разузнавачки фактори во корист на други држави, ниту пак одлевање класифицирани информации, а како резултат на споменатиот неовластен упад во компјутерски систем. Со оглед на наведеното, за подетални информации потребно е да се обратите до надлежното јавно обвинителство – велат од АНБ на прашање на „Слободен печат“, според кои надлежности била дел од истражните дејствија и што утврдила досега.
„Шпионски талог“ ги ширел сомнежите за аферата за шпионажа, а Абази создавал паника, вели Мицкоски
Претходно Агенцијата за разузнавање отфрли каква било инволвираност на нејзини припадници за евентуално компромитирање на класифицирани информации и НАТО комуникации, без да ја коментира предистражната постапка.
– Во своето работење, Агенцијата доследно ги применува сите законски стандарди и протоколи за соодветно ракување и заштита на националните и НАТО класифицираните информации – рекоа од Агенцијата.
Наводната шпионска афера во Кабинетот на претседателката што произлезе од анонимна пријава од потпишани „вработени во МВР“ во која се тврдеше дека ИТ-администратор копирал и криптирал податоци за наводно да завршат кај странска разузнавачка служба што не е дел од НАТО, стана фокус во јавноста откако ОЈО ГОКК потврди дека води предистражна постапка за „постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес“.
Но, во одговорот за „Слободен печат“ кажаа и дека со месеци ги чекаат анализите на податоците од МВР и видеоснимките од Кабинетот. Инцидентот се случил во ноември лани, а бил пријавен во декември во Министерството за внатрешни работи.
-Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на претседателката, со задолжение до Обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази. До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази – објаснуваат од Обвинителството.
Надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ, која беше на „отстрел“ од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, откако го затвори случајот со злоупотреба на мазутот, ги барала снимките и од Кабинетот на претседателката и од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и од МВР, чија била надлежноста за чување и располагање со копиите.
– И покрај тоа, МВР до денес не достави повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видеонадзорот – соопшти Обвинителството, кое детално ја објасни предистрагата што ја води за овој случај, односно за извлекување и шифрирање доверливи податоци и сѐ што презеле досега.
Последната изјава од МВР е дека анализата е во завршна фаза и дека целиот материјал ќе биде доставен до ОЈО ГОКК. Целиот државен врв го обвини Обвинителството за непочитување на Законот за кривична постапка и изнесување детали во јавноста за предистражна постапка.
Претседателката, пак, негираше дека од Кабинетот може да се изнесат класифицирани информации, но и дека сомнителниот информатичар веднаш бил суспендиран.


