Американскиот Стејт департмент разочаран од дијалогот Приштина-Белград

Фото: Архива

Американскиот Стејт департмент изрази разочарување што не е постигнат напредок во новата рунда дијалог меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, пишува Радио Слободна Европа.

„Очекуваме двете земји сериозно да ги сфатат своите обврски од Договорот за нормализација на односите што го постигнаа на почетокот на оваа година. Времето истекува. Сакаме да видиме напредок во однос на постојните и претходните обврски преземени во дијалогот и Охридскиот договор вклучувајќи го и формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент.

Според неговите зборови, „дијалогот овозможен од ЕУ е единствениот пат напред за Косово и Србија“.

„Ќе се консултираме внатрешно и со нашите европски партнери за следните чекори“, додаде тој.

Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ вчера се сретнаа во Брисел со посредство на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак.

„Средбата на која на дневен ред беше спроведувањето на Основниот договор за нормализација на односите не постигна никакви резултати“, рече Борел.

Според него, Курти бил тој што не го прифатил предлогот на ЕУ за истовремена примена на обврските кои произлегуваат од тој договор, а Вучиќ го прифатил.

Борел истакна дека Курти инсистирал пред се да се официјализира де-факто признавањето на Косово од Србија, додека Вучиќ барал формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.

Курти „не беше подготвен да продолжи напред со започнување на веродостоен процес на формирање на Заедницата“, рече Борел.

Во меѓувреме Курти рече дека „условноста на Србија“ за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство „се претвори во позиција на ЕУ“.

Според Вучиќ, Курти едноставно „избегнал формирање на Заедницата… тоа е суштината на сè“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот