Американски и европски медијатори во нова посредничка мисија во БиХ

Знаме на Босна и Херцеговина/ Фото: МИА

– Американските и европските посредници во преговорите за измените на Изборниот закон на Босна и Херцеговина ќе започнат нова рунда разговори со политичарите од земјата, со цел да се најде решение за новиот изборен модел и да се осигура дека ќе биде усвоен од парламентите за да може да се примени веќе на општите избори планирани за октомври.

Специјалниот претставник на САД, Метју Палмер и директорката на одделот за надворешни работи во ЕУ (EEAS), Анџелина Ајхорст, денеска ќе ја имаат својата прва средба со членовите на Претставничкиот дом и Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, кои исто така се лидери или високи функционери на трите владејачки национални партии.

На средбата ќе присуствуваат претседателите на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на Босна и Херцеговина и Партијата за демократска акција (СДА), Драган Човиќ и Бакир Изетбеговиќ, како и претставници на двата дома од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) Никола Шпириќ и Небојша Радмановиќ, како и Денис Звиздиќ, поранешен член на СДА, а сега потпретседател на Партијата на народот и правдата (НиП), која го предводи обединетиот опозициски блок во ентитетот Федерација Босна и Херцеговина.

Локалните медиуми објавија дека Палмер и Ајхорст потоа планираат да ги соберат водачите на сите големи политички партии од Босна и Херцеговина зад затворени врати во Неум. За време на преговорите, кои би траеле до 30 јануари, треба да стане јасно дали е можно да се договори еден од изборните модели што треба да обезбеди спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Неизвесно е во каков формат ќе се водат овие преговори, бидејќи Социјалдемократската партија (СДП) на Босна и Херцеговина потврди дека нивните претставници нема да одат во Неум, додека Наша партија (НС) соопштија дека ќе учествуваат во преговорите само доколку нивни предлог е на дневен ред.

Крајот на јануари беше одреден како краен рок за постигнување политички договор, со проценка од најмалку три месеци за формално усвојување на амандманите на Уставот и на Изборниот закон во Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, како што тоа мора да се направи до почетокот на мај кога ЦИК на Босна и Херцеговина има обврска да распише избори.

Заедничката посета на Ајхорст и Палмер е дел од тековните напори на Европската Унија и на САД во Босна и Херцеговина, со фокус на уставните и изборните реформи потребни за да се направи одлучувачки чекор кон ЕУ, да се елиминира дискриминацијата и да се зајакнат демократските граѓански права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот