Америка и Иран разгледуваат привремен договор за мир
Техеран и Вашингтон ги намалија амбициите за сеопфатно решение бидејќи разликите опстојуваат, особено околу нуклеарната програма на Иран, вклучувајќи ја и судбината на неговите резерви на високо збогатен ураниум и колку долго Техеран ќе ја паузира нуклеарната работа.
САД и Иран се приближуваат кон привремен договор за прекин на нивната војна, изјавија денеска извори запознаени со приликите, при што Техеран разгледува предлог кој би ги запрел борбите, но би ги оставил најспорните прашања нерешени, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Планот што се наѕира се фокусира на краткорочен меморандум, а не на сеопфатен мировен договор, што ги нагласува длабоките поделби меѓу двете страни и сигнализира дека тоа би било привремен чекор.
Надежите дека дури и делумен договор би можел да доведе до повторно отворање на Ормускиот Теснец веќе ги придвижија пазарите, при што глобалните акции денеска се приближија до рекордно високи нивоа, а цените на нафтата бележат стрмни загуби поради облозите дека прекините во снабдувањето би можеле да се ублажат.
Техеран и Вашингтон ги намалија амбициите за сеопфатно решение бидејќи разликите опстојуваат, особено околу нуклеарната програма на Иран, вклучувајќи ја и судбината на неговите резерви на високо збогатен ураниум и колку долго Техеран ќе ја паузира нуклеарната работа.
Наместо тоа, тие работат на привремен аранжман наведен во меморандум од една страница, насочен кон спречување на враќање во конфликт и стабилизирање на поморскиот сообраќај низ теснецот, изјавија изворите.
– Нашиот приоритет е тие да објават траен крај на војната, а останатите прашања би можеле да се решат штом ќе се вратат на директни преговори – изјави за „Ројтерс“ висок пакистански функционер вклучен во посредувањето меѓу двете страни.
Предложената рамка би се одвивала во три фази: формално ставање крај на војната, решавање на кризата во Ормускиот Теснец и отворање на 30-дневен прозорец за преговори за поширок договор, според изворите.
Техеран соопшти дека министерот за надворешни работи Абас Аракчи денеска остварил телефонски разговор со Ишак Дар, неговиот колега во Пакистан, земја која презеде водечка улога во напорите за посредување.
– Остануваме оптимисти. Едноставниот одговор би бил дека очекуваме договор порано, отколку подоцна – изјави портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи, Тахир Андраби, на брифинг во Исламабад, на прашањето колку брзо би можело да дојде до договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп е оптимист за брзо решение, но иранските претставници се скептични и го нарекуваат предлогот „американска листа на желби“.
Сепак, регионалните тензии и натаму се високи. Израел изврши нов напад врз Хезболах во Либан, додека Саудиска Арабија ги налути САД забранувајќи им користење на нејзиниот воздушен простор и бази за воени поморски операции во Ормускиот Теснец.
Нацрт-меморандумот, во кој посредуваат Стив Виткоф и Џаред Кушнер, намерно ги изоставува најспорните прашања. Во него не се споменуваат клучните американски барања за запирање на иранската нуклеарна програма и ограничување на збогатениот ураниум, ниту, пак, прекин на поддршката за милициите како Хезболах.
Доколку се прифати, овој привремен договор само ќе отвори 30-дневен прозорец за подетални и сеопфатни преговори.
ВИДЕО | Иран испука балистички проектил: „Ормускиот Теснец мора да остане во наши раце“


