Израел од петни жили сака да спречи мир меѓу Америка и Иран
Тел Авив се плаши дека можниот договор меѓу Вашингтон и Техеран ќе му даде пристап до замрзнатите милијарди долари на Иран за да ги финансира своите прокси-сили, ставајќи ја под ризик израелската егзистенција. За Израел, дипломатијата без јасна воена закана кон иранската ракетна програма е неуспех што мора да се надомести со воени дејствија.
Америка и Иран навидум ги намалуваат тензиите, Техеран дозволи безбеден премин низ Ормускиот Теснец, а претседателот Доналд Трамп најави „брзо завршување на војната преку нов мировен предлог“.
Препорачано
Според пакистански посредници, блиску е прелиминарен договор што формално ќе го прекине конфликтот, отворајќи го патот за идни преговори за иранската нуклеарна програма, укинување на американските санкции и деблокирање на Ормускиот Теснец. Техеран е малку скептичен, барем според јавната реторика, која не мора да значи дека ги одразува вистинските заложби што се прават во заднина, но изгледа дека работите одат во подобра насока.
Како и да е, подобрувањето на односите меѓу двете земји се соочува со еден постојан проблем, а тоа е Израел, кој не изгледа сосем задоволен од текот на новите настани.
Израел е „трн во ногата“
Премиерот Бенјамин Нетанјаху нареди ликвидација на командант на елитните сили на Хезболах во Бејрут, токму сега кога сѐ виси на конец, што е школски пример за напад што ќе ја намали можноста за стабилизација на конфликтот.
Тел Авив стравува дека потенцијалниот дипломатски договор меѓу САД и Иран ќе ослободи милијарди долари од замрзнатите ирански ресурси за финансирање на прокси-групите што се непријатели на Ерусалим, што ќе ја загрози неговата егзистенција.
За Израел, дипломатијата без цврста воена гаранција за ограничување на балистичката програма на Техеран е геополитички пораз што мора да се компензира со воена акција на терен – цел што изгледа одамна се обидува да ја протурка во Америка како валидна. Поранешниот американски претседател Барак Обама изјави дека Израел го убедувал и него дека Америка треба да започне конфликт со Иран, иако безуспешно.
Чекор по чекор
Во сенка на овие воени маневри на Израел, на масата меѓу американските и иранските преговарачи стои предложен прелиминарен меморандум од 14 точки. Наместо апсолутната воена победа што Трамп првично ја најавуваше, овој документ нуди прагматичен дипломатски излез во фази, 30-дневен период на интензивни преговори и компромис за мораториумот на збогатувањето ураниум (помеѓу 5 и 20 години) во замена за укинување на исцрпувачките санкции и општа деескалација.
Само шпекулациите за можен договор беа доволни за цените на нафтата веднаш да паднат за 11 отсто, предизвикувајќи позитивен шок на светските берзи. Иранската економија е во лоша состојба, а и глобалните пазари не можат постојано да апсорбираат долгорочна блокада на теснецот низ кој минува една петтина од светската нафта.
За Трамп, брзиот договор е идеално сценарио, дипломатска победа што ќе ги стабилизира пазарите и ќе го зајакне неговиот имиџ на глобален миротворец пред домашната публика.
Во Техеран има расправии
Во меѓувреме, американските разузнавачи детектираат сериозни внатрешни превирања во Иран меѓу тврдокорните фракции на режимот и прагматичната струја што бара економско олеснување за да ја реши внатрешната криза што почна со смртта на ајатолахот Али Хамнеи.
Сепак, на патот кон конечен договор стои недоверба со длабоки историски корени. Објавите на претседателот Трамп на социјалните мрежи градат слика на Америка како строг хегемон што великодушно нуди „отворен пат“ само ако неговите услови се почитуваат без приговор. Од другата страна, пак, Иран дава поголем отпор одошто се очекуваше. Изјавата на пратеникот Резаеи дека предлогот е само „американска листа на желби“ и цинизмот на спикерот Калибаф со „Операција Верувај ми, брате, пропадна“, рефлектираат длабоко вкоренет државен идентитет заснован на отпор.
Обидот да се реши конфликтот на Блискиот Исток е воден од прагматични мотиви за економска стабилизација што не кореспондираат со историските непријателства со идентитетски корени. Целиот овој мировен процес е држен во заложништво на длабоките стравови за опстанок на Израел, кој веќе покажа дека нема намера да дозволи меѓународната дипломатија индиректно да ги финансира неговите непријатели, а нападите во Бејрут и постојаните претходни саботажи се само јасна најава за она што Тел Авив е подготвен да го направи за да го саботира договорот.
Трамп вели дека војната „ќе заврши брзо“, додека Иран „сè уште го разгледува“ американскиот предлог


