Алекс Хонолд за искачувањето на облакодерот Тајпеј 101 добил помалку од еден милион долари: „Срамно мал износ“
Познатиот американски алпинист Алекс Хонолд испиша историја овој викенд искачувајќи се на облакодерот Тајпеј 101, висок 527 метри, со што го оствари највисокото слободно соло-искачување на урбана градба досега.
Препорачано
Искачувањето беше изведено во рамки на директен пренос на Нетфликс со наслов „Искачување во живо на облакодер“ („Skyscraper Live“). Сепак, според „Индепендент“, Хонолд за овој подвиг добил помалку од еден милион долари, што предизвика изненадување во јавноста.
„Тоа е помалку отколку што ‘тежи’ мојот агент. Искрено, ако се стави во контекст на масовниот спорт, тоа е срамно мал износ. Знаете, играчите во бејзбол-лигата добиваат договори од околу 170 милиони долари – луѓе за кои никој не чул и за кои никому не му е грижа“, изјави Хонолд.
Една од причините зошто не инсистирал на поголем хонорар може да се најде во неговиот личен однос кон проектот.
„Искрено, јас би го направил тоа и бесплатно. Ако немаше телевизиски пренос и ако зградата ми дадеше дозвола, ќе се искачев затоа што знам дека можам и затоа што би било неверојатно. Не ме плаќаат за да се искачувам на зградата. Ме плаќаат за спектаклот. На зградата се искачувам бесплатно“, рече тој.
Списанието „Вараети“ побара одговор од Нетфликс и од продуцентите на емисијата, компанијата „Плимсол продакшнс“, за појаснување околу висината на хонорарот и причините за таквиот надомест.
Во разговор за „Вараети“, веднаш по искачувањето, Хонолд призна дека на почетокот бил загрижен поради нивото на внимание што го привлече настанот, вклучувајќи илјадници луѓе во публиката – нешто што дотогаш не го искусил.
„Во последните неколку дена, мојата перспектива почна малку да се менува. Од чувството дека сè е премногу интензивно и дека сум нервозен, до тоа што навистина почнав да се чувствувам возбудено и мотивирано. Како да ја прифатив целата таа спектакуларна страна. Помислив – ако им мавтам на луѓето и уживам додека се искачувам, сè станува позабавно. Еден од главните предизвици е ритамот. Ако одите пребрзо, се заморувате, но ако не брзате, ако им мавтате на луѓето и уживате во погледот, не се заморувате толку. Така сè изгледа помалку страшно, па си реков: ќе го прифатам искуството и ќе се забавувам“, раскажа Хонолд.
Тој истакна и дека животот значително му се променил откако стана светски познат благодарение на документарниот филм „Слободно соло“ („Free Solo“), добитник на Оскар, кој му овозможил искачувањето да го претвори во постојана професија.
„Целиот мој живот го организирав околу обидот да најдам начин да се занимавам со искачување по карпи и од тоа да живеам. Го сакам искачувањето. Прашањето секогаш беше – како да го живеам животот правејќи го тоа што е можно повеќе, а притоа да го издржувам и семејството. Неверојатно, но функционира“, изјави тој.
Хонолд го заврши искачувањето на Тајпеј 101 за еден час и 31 минута. Директниот пренос „Искачување во живо на облакодер“ помина главно без проблеми, иако имаше неколку технички тешкотии. Во одредени моменти Хонолд го изгуби аудио-контактот со својот тим, како и музиката во слушалката, но подоцна успеа повторно да ја воспостави врската.
ВИДЕО | Неверојатен подвиг: Алекс Хонолд се искачи без јаже на облакодерот Тајпеј 101


