Алабаковски сведочеше на рочиштето против претседателот на „Ванчо Михајлов“: Постојано добивам пораки со смртни закани

Фото: Слободен печат

Во Основниот суд во Битола денеска почна судењето против претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, Љупчо Георгиевски кој е обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Како сведок на рочиштето присуствуваше пејачот Ламбе Алабаковски кој изјави дека постојано добива пораки со смртни закани за него и неговото семејство откако пред повеќе од една година, во јули 2022, го опожари бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

-Имаше закани и навреди и ден денес има. Најчесто се, по мое мислење, од бугарски граѓани и луѓе кои живеат тука, а се чувствуваат како Бугари или од измислени ботови на Фејсбук и Инстаграм, кои најчесто ги добивам во директна порака со смртна закана кон мене и кон моето семејство. Сметам дека во срцето на Македонија, поточно во Битола, де факто и де јуре, не смее да има таков клуб со име на докажан фашист како што е Ванчо Михајлов-рече Алабаковски.

На прашања на адвокатот Рауфи дали се гордее со палењето на Бугарскиот клуб во Битола и дали има омраза кон клубот, Алабаковски рече дека не сака да одговори и дека е повикан да сведочи за сосема друго.

На ваквото прашање приговараше и обвинителката Оливера Начаковска која рече дека ваквите прашања немаат врска со обвинителниот предлог каде не се тврди дека Ванчо Михајлов е негативен лик во македонската историја, бидејќи бил поддржан од бугарскиот народ, туку бил лик кој ги поддржувал фашистите кои извршиле окупација на регионот и ги истребиле Евреите од Битола. Адвокатот Рауфи уште праша дали Алабаковски по палењето на клубот во Битола ја пеел песната „Оган да го гори“ како провокација, а тој му одговори „апсолутно не“.

Фото: Слободен печат

Бранителот на Ѓоргиевски, адвокатот Насер Рауфи, го нарече Алабаковски недоличен сведок зашто бил осуден за палење на клубот, на што реагираше Обвинителството да не се упатуваат навреди.

-Според мене сведокот е недоличен, предлагаат сведок буквално пироман, човек кој го опожари клубот, кој освен што го призна тоа дело, не ми беше јасно на кои околности е повикан“, рече Рауфи.

Тој го праша Алабаковски дали се согласува дека против Ванчо Михајлов нема пресуда дека е фашист, на што обвинителката Оливера Нечаковска приговараше со контра прашање:„Дали и за Хитлер има пресуда дека е фашист?“

Обвинетиот Љупчо Ѓоргиевски рече дека не се чувствува виновен и дека на никого ништо лошо не сторил.

Судењето продолжува на 18 декември, кога ќе бидат сослушани Ѓорги Црномаров и Благоја Шаторов, како сведоци на одбраната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот