Актерот Тимоти Басфилд исчезна откако го обвинија дека злоставувал деца: Полицијата е во масовна потрага
Американската служба на маршали се приклучи кон потрагата по актерот и ТВ-режисер Тимоти Басфилд, откако Полициската управа на Албукерке (APD) издаде налог за негово апсење поради сериозни обвиненија за сексуално злоставување деца, пренесува „Пипл“.
Препорачано
Како што потврди APD за „Пипл“, локалната полиција соработува со американските маршали со цел да го пронајдат и уапсат Басфилд, чија моментална локација е непозната. На прашањето дали во меѓувреме бил пронајден или приведен, портпаролот на полицијата кратко изјави: „Колку што ми е познато – не“.
Според налогот за апсење, Басфилд се сомничи за незаконски сексуални дејствија врз единаесетгодишни близнаци. Едно од децата ѝ открило на полицијата дека наводните злоупотреби започнале кога имал само седум години. Идентитетите на децата не се објавени заради нивна заштита.
Истрагата против Басфилд започнала во ноември 2024 година, откако лекар од Универзитетската болница во Ново Мексико (UNMH) ја известил полицијата за сомнеж за сексуално злоставување. Родителите навеле дека нивните синови биле детски актери и дека го запознале Басфилд за време на снимањето на серијата на FOX „The Cleaning Lady“, каде што тој работел како режисер. Серијата се емитувала од јануари 2022 до јуни 2025 година.
Во текот на истрагата, Басфилд изјавил дека родителите биле незадоволни бидејќи нивните синови биле заменети со помлад актер во серијата. Кратко потоа, тој добил повик од „Ворнер брос“ (Warner Bros), од каде што бил информиран дека компанијата спроведува внатрешна истрага поради поднесени поплаки.
Тимоти Басфилд е во брак со актерката Мелиса Гилберт, позната по улогата во серијата „Little House on the Prairie“. Двојката се венчала во 2013 година.
Интересно е што неколку недели пред да биде издаден налогот за апсење, Гилберт на социјалните мрежи зборувала за темата на сексуално злоставување деца, споделувајќи лично искуство од младоста. Притоа, таа не упатила обвинувања кон конкретни лица.


