Актерот Ѓокица Лукаревски лауреат на 13. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“

Ѓокица Лукаревски
Ѓокица Лукаревски / Фото: Скриншот, Јутјуб

Во Општина Крива Паланка се одржува 13. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски” кој беше отворен со свеченост во чест на лауреатот, годинашниот добитник на наградата за особен придонес во театарот и културата, истакнатиот актер Ѓокица Лукаревски.

Наградата ја врачи градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, со што официјално беше отворен фестивалот, кој годинава поради пандемијата со Ковид-19 има скратена програма.

Според Гоце Ристовски, познат театарски критичар и публицист, кој е дел од организацискиот одбор на фестивалот, Ѓокица Лукаревски е единствен меѓу актерите препознатлив по мултиталентираноста и мултислојноста во толкувањето на улогите од различни жанри и по освојување на сцената дури и во драмските паузи.

– Нешто што е особено својствено нему е што како мајстор на играта, на молкот и паузите умее да ја исполни сцената со своето психо-физичко толкување на точката. Лукаревски е мајстор на импровизацијата, рече Ристовски.

За Лукаревски огромна е честа да се добие признанието-лауреат, со кое се вброи во групата великани на македонското глумиште.

– Емоциите што овде ги доживеав за мене се и многу тешки, но и многу благодарни. Вакви зборови за моето актерско творештво досега не сум доживеал. Чест ми е што сум дел од лауреатите на овој театарски фестивал, изјави Лукаревски.

Тој ги почести присутните со интерпретација на „На гробот на Дениција” од Петре М.Андреевски што ја рецитирал на приемниот испит на ФДУ пред неговиот ментор, Илија Џувалековски.

На фестивалската програма што се одржува во Националната установа Центар за култура Крива Паланка по првата претстава одиграна завчера, „Ѕвездено циганско небо” од Театар „Призор“, Белград, утревечер на репертоарот настапува театар провокација од Скопје со претставата „Прво ќе ме земеш, после ќе ме е…“, на 6 октомври настапува Југоарт продукција, Белград со „Што ќе правиме сега”, а фестивалската програма се затвора на 7 октомври со „Партија реми” во продукција на Драмски театар Скопје со Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ во главните улоги.

Претставите почнуваат во 19 часот и 30 минути, а се одржуваат во согласност со мерките и протоколите за заштита од ковид-19.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот