Пит Хегсет, секретар за одбрана на САС/Фото: CQ-Roll Call / Sipa USA / Profimedia

Аксиос: Импичмент за шефот на Пентагон, демократите со пет обвиненија против Хегсет бараат негова смена

Демократите во Претставничкиот дом денес се очекува да поднесат предлог од пет точки за импичмент на министерот за одбрана Пит Хегсет, обвинувајќи го за злоупотреба на моќ, воени злосторства и други сериозни прекршоци.

Овој потег, кој речиси сигурно нема да помине во тековната сесија на Конгресот, е најновиот показател дека демократите се насочени кон Хегсет како нивна нова главна цел за критики во администрацијата на Трамп, објави „Аксиос“.

Како што наведува американскиот портал, демократите претходно се обидоа да побараат оставка од поранешната министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем но и од поранешната државна обвинителка Пам Бонди, кои Трамп ги разреши неодамна. Сега Хегсет, поради серијата скандали и тековниот застој со Иран го направија новата централна фигура со која се бави демократската партија на САД.

Од друга страна Пентагон вели дека ова е само одвлекување на вниманието.

„Ова е само уште еден обид на демократите да стигнат до насловните страници на медиумите додека Министерството за војна решително и убедливо ги следи целите на претседателот во Иран“, изјави портпаролката на Пентагон, Кингсли Вилсон, за „Аксиос“.

Таа додаде дека Хегсет ќе „продолжи да ја штити татковината и да проектира мир преку сила“.

Клучни точки на предлогот за импичмент

Предлогот за импичмент, детално опишан на седум страници, првенствено се однесува на американските операции во Иран, скандалот „сигналгејт“ и наводното личното недолично однесување од страна на секретарот за одбрана. Предлогот го поднесува претставникот Џасамин Ансари од Аризона, претседателка на демократската група во Претставничкиот дом и првата жена со иранско потекло избрана во Конгресот.

Иницијативата за отповикување на министерот за одбрана е коспонзорирана од осум демократски претставници: Стив Коен, Јасмин Крокет, Никема Вилијамс, Дина Титус, Дејвид Мин, Шри Танедар, Британи Петерсен и Сара Мекбрајд. Предлогот е поддржан и од прогресивни и антивоени групи, вклучувајќи ги „Мов он“, „Инвизибл“ и Центарот за меѓународна политика.

Неовластена војна со Иран

Како што наведува американскиот портал, првата точка од импичментот односно обвинението го товари Хегсет за започнувањето на американски напади врз Иран без претходно да побара одобрение од Конгресот. Во него се тврди дека тој одобрил „планови што вклучуваат екстремни и непотребни ризици за персоналот и интересите на Соединетите Држави“ и дополнително се споменува разгледување на копнени операции во Иран.

Во втората точка се наведува дека Хегсет „одобрил, премолчено дозволил или не успеал да спречи“ операции во Иран „кои резултирале со голем број цивилни жртви и уништување на цивилната инфраструктура“. Примери за тоа се бомбардирањето на женското училиште во Минаб од страна на САД и извештаите за двојни напади врз наводни венецуелски бродови за дрога во Карибите.

Изјавата на Хегсет дека САД „нема да имаат милост или сожалување кон нашите непријатели“ е исто така истакната, со оценка дека тој „покажал однесување кое предизвикува сериозна загриженост за кршење на Женевските конвенции и други обврзувачки правни прописи“ на војувањето.

Небрежност во ракувањето со чувствителни информации

Третата точка од документот за отповикување на Хегсет се однесува на минатогодишниот скандал „сигналгејт“, во кој уредникот на магазинот „Атлантик“, Џеф Голдберг, случајно беше додаден во групен разговор на социјалната мрежа „сигнал“ каде што Хегсет и други високи американски функционери дискутираа за нападите во Јемен.

Во документот исто така се наведува дека Хегсет „покажал екстремна небрежност во ракувањето со чувствителни и класифицирани воени информации“ и дека преку неговото неодговорно и несоодветно однесување, го довел во опасност персоналот на Соединетите Држави.

Четвртата точка исто така го товари Хегсет дека не му „обезбедил на Конгресот навремени и целосни информации за воените операции“. Тој се посочува како обвинет и за „прикривање клучните факти поврзани со цивилните жртви и спроведувањето операции во Иран, Венецуела и други воени операции“.

Однесување на Хегсет што ги засрамува САД и нивните вооружени сили

Петтата точка од документот посочува дека Хегсет „дејствувал на начин спротивен на јавната доверба“ и „ја поткопал јавната доверба во интегритетот и способноста“ на Пентагон.

Понатаму во документот за импичмент исто така се споменуваат неколку социјално конзервативни воени политики на администрацијата на Трамп, како што се критикувањето на НАТО, прекинувањето на програмата за разновидност, еднаквост и вклучување (СЕИ) и афирмативната акција, како и ограничувањата за трансродовите членови во вооружените сили на САД.

Портпаролката на Пентагон, Вилсон, ја отфрли целата иницијатива.

„Ова е само уште една фарса дизајнирана да го одвлече вниманието на американскиот народ од големите успеси што ги постигнавме тука во Министерството за војна“, рече таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот