Ако малите хидроцентрали не се спорни за државата, не се ни за МПЦ!

Црквата во моментов располага со одредени финансиски средства и сметавме дека е добро тие да не седат така туку да се вложат во нешто, за да се оствари добивка – одговори Владиката Тимотеј на прашањето на Слободен Печат кои се мотивите на МПЦ-ОА да влезе во бизнис со мали хидроцентрали, кои во последно време предизвикуваат контроверзи поради евидентното негативно влијание врз животната средина.

Зошто контроверзен – праша Митрополитот Тимотеј и додаде дека, ако овие проекти се одобрени од државата, Црквата нема причина да ги гледа како проблематични.

Пред неколку дена медиумите објавија информација дека Македонската Православна Црква – ОА се јавува како содружник во фирма за производство на електрична енергија ХЕЦ Драгов Дол, заедно со Сретен Миладиноски запишан како управител, Александар Аврамовска, на чија адреса е регистрирано седиштето на правното лице и Слободан Јовески и „Жито Караорман АД Кичево“. Миладиноски, кој е професор на МИТ Универзитет е и доминантен сопственик на „Жито Караорман“.

Малата хидроцентрала во Драгов Дол, општина Македонски Брод, која треба да биде изградена на Треска не била предмет на концесиска понуда од страна на државата, што ни беше потврдено од службата за информирање на Владата на РСМ.

Сепак, Владата минатата година во октомври донела одлука за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изградба на МХЕЦ Драгов Дол со која е овозможена трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Проект за инфраструктура за изградба со вкупна површина од 651 квадратни метри.

„Се работи за ХЕЦ под еден мегават поради што процедурата за нејзина изградба е во надлежност на локалната самоуправа“, информираат од секторот на урбанизам и градежништво на Општина Македонски Брод, која го има одобрено проектот за изградба на хидроцентралата.

Оттаму велат дека идната мала хидроцентрала ќе биде на местото на некогашна стара хидроцентрала изградена во времето на поранешната држава и дека во моментов е во фаза на одобрување на инфраструктурниот проект. Не можеме да кажеме кога ќе заврши целата постапка и кога ќе почне изградбата, велат од општината.

Ништо попрецизно околу самата хидроцентрала не можеше да каже ниту владиката Тимотеј. Сепак, на прашањето на Слободен Печат дали МПЦ во иднина планира да го проширува бизнисот во енергетскиот сектор, тој одговори дека такво нешто не планираат.

Информацијата за влегувањето на црквата во бизнисот со мали хидроцентрали доаѓа во исто време кога бројни еколошки организации и граѓански здруженија бараат од Владата да стави забрана на изградбата на малите хидроцентрали во идниот национален парк Шар Планина и да ги преиспита веќе дадените концесии бидејќи направената штета на екосистемите од малите хидроелектрани што се изградени или во изградба е очигледна. Јакне отпорот против малите хидроцентрали и во целиот регион на Балканот, поради нивното негативно влијание врз животната средина и водоснабдувањето.

Малите хидроцентрали се смрт за реките и за водоснабдувањето

Мали хидроцентрали навалија на Шар Планина

РЕПОРТАЖА Лешница, бисерот на Шар Планина, загрозена од малите хидроцентрали и од несовесните посетители

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот