Малите хидроцентрали се смрт за реките и за водоснабдувањето

Изградбата на мали хидроцентрали на Шар Планина треба да запре. Ова е став на повеќето еколози во Македонија кога станува збор за заштитените подрачја, но и за целата наша територија, вели Христовски од Македонското еколошко друштво.

Повеќе од деценија откако почна нивната изградба во Македонија, малите хидроцентрали, кои државата официјално ги смета за извори на обновлива енергија и ги поттикнува, наидуваат на граѓански отпор против нивната изградба поради нивното штетно влијание врз животната средина.

Тука се, пред сѐ, еколошките штети што тие го нанесуваат на биодиверзитетот на реките, чии води се зафаќаат во километарски долги цевководи, како и на околната природна средина.

– Малите хидроцентрали се екоцид, односно злосторство против природата. Со нив се уништува живиот свет во реката и нејзината околина, се нагрдува природната средина и се загрозува водоснабдувањето на многу градски и селски населби – велат од иницијативата „Зелен фронт“, која бара од Владата итно да ја запре изградбата на малите хидроцентрали и да се преоценат издадените дозволи и концесии за нивна изградба врз база на реални проценки на нивното влијание врз животната средина.

Иницијативата Зелен фронт на граѓани, поведена од планинари, мештани на шарпланинските села, еко-активисти, љубители на планината, смета дека малите ХЕЦ прават неповратна еколошка штета

„Корист имаат само поединци, кои користејќи ја поврзаноста со државните и финансиските институции, се обидуваат да профитираат уништувајќи ја природата“ – се вели во реакцијата на ова здружение, кое неодамна најави дека одлучно ќе се бори против изградбата на малите хидроцентрали на подрачјето на идниот национален парк Шар Планина.

Здружението Зелен фронт поведе онлајн петиција, која досега ја потпишале неколку илјади граѓани.

Во неодамнешните јавни расправи за прогласување на Шар Планина за Национален парк државните институции остана на ставот дека ќе дозволат изградба на дури четири мали хидроцентрали во срцето на Шар Планина, односно во долината Лешница, каде што извира реката Пена и нејзините притоки. На ова се спротивстави и стручната јавност, како и локалното население.

РЕПОРТАЖА Лешница, бисерот на Шар Планина, загрозена од малите хидроцентрали и од несовесните посетители

– Изградбата на мали хидроцентрали на Шар Планина треба да запре. Ова е став на повеќето еколози во Македонија кога станува збор за заштитените подрачја, но и за целата наша територија. Јас го сметам производството на електрична енергија од малите хидроцентрали само како доходовен бизнис во Македонија од кој имаме мала корист, незначително производство на електрична енергија, а со себе носи неповратна деградација на највредните и најубавите кањони и клисури во Македонија – вели проф. д-р Славчо Христовски од Институтот за биологија на ПМФ и претседател на Македонското еколошко друштво, за агенција Мета.

Тој смета дека поради малите хидроцентрали бројни реки во летниот период се оставени без вода, што е во целосна спротивност и со напорите за развој на туризмот на нашите планини.

– Кога на овој штетен тренд ќе се додадат и глобалните климатски промени огромно е штетното влијание на сите екосистеми, шумите, пасиштата, ливадите, а зафатите на реките со себе носат ризик и за нарушување на природните процеси и опасност од свлечишта, порои, засилена ерозија и други ризични настани – вели Христовски.

Пратеникот од ДОМ, Мирослав Богдановски, најави дека неделава ќе иницира надзорна расправа во собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија токму на темата штетното влијание на малите хидроцентрали врз природата.

– Предлогот го поднесувам како член на Иницијативниот одбор на граѓанската иницијатива „Зелен фронт против мали хидроцентрали“. Иницијативата ја формализиравме пред две недели во Тетово, по претходен јавен повик до сите заинтересирани за спас на најубавиот предел на Шар Планина, Лешница, каде што се спрема градење на 4 мали хидроцентрали – вели Богдановски.

Од 96 мали електрани 3,9 отсто од произведената струја

Во извештајот на меѓународната еколошка организација „Бенквоч“, која подолго време се занимава со проблемот на малите хидроцентрали и нивното влијание врз животната средина, се вели дека до 2009 година Република Македонија веќе имала 38,6 MW инсталиран капацитет на хидроцентралите под прагот од 10 MW, кои се сметаат за мали хидроцентрали. Заклучно со 31 декември 2018 година земјата имала 79 нови постројки, донесувајќи го вкупниот број на 96 централи со инсталиран капацитет од 106.3 MW. Не помалку од 30 мали хидроцентрали (МХЕ) моментално се во изградба, со вкупно инсталиран капацитет од 34,06 MW, а се очекува да бидат ставени во употреба до 2021 година“, се вели во извештајот.

Притоа се наведува дека во 2018 година, субвенционираните мали хидроцентрали произведуваа 3,9 отсто од електрична енергија на Република Македонија, заедно со уште 3 отсто од постарите мали централи во сопственост на ЕВН.

За субвенции 150 милиони евра кај „звучни имиња“

Во извештајот со симптоматичен наслов „Кој плаќа, а кој профитира?“ на „Бенквоч“ објавен минатата година за состојбите поврзани со изградбата на мали ХЕЦ во балканските земји, во делот за Македонија се наведува и дека зад бизнисот со малите хидроцентрали во земјава стојат звучни имиња на актуелни и на (сега веќе бивши) политичари и луѓе блиски до власта. Она што е важно, се наведува во овој извештај, е дека само за период од 2010 до 2018 година по основ на субвенции од државата за производство на електрична енергија, неколкуте компании сопственици на мали хидроцентрали на последните чисти планински реки во Македонија меѓусебно поделиле повеќе од 150 милиони евра.

WWF: Мини хидроцентралите не се ефикасни, сите губиме градејќи ги

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот