Мали хидроцентрали навалија на Шар Планина

Мали хидроцентрали/ Фото: Слободен печат/Архива

„Да“ за заштита на планината, големо „не“ за уништувачки инфраструктурни проекти, беше пораката на расправата за Предлог-законот на Министерството за животна средина (МЖСПП) за идниот национален парк Шар Планина, со кој се предвидува можноста непречено да продолжи изградбата на мали хидроцентрали дури и во предели кои поради своите биолошки и пределски карактеристики законот предвидел да бидат под најстрога заштита.

Жаклина Мијалковиќ-Анастасова од „Движење за чист воздух“ рече дека тоа неминовно ќе го уништи живиот свет во тие предели и побара итно запирање на активностите.

– Како може да биде поголем јавен интерес изградбата на приватни инвестициски зафати со кои се загрозува опстанокот на растителниот и на животинскиот свет и засекогаш го менува изгледот на планината од заштитата на природните добра во паркот – беше едно од прашањата на онлајн дебатата за Шара. Како особено негативен пример беше наведено одобреното градење мала хидроцентрала во месноста Долна Лешница, зона на строга заштита.

Против идејата Шара да стане национален парк се претставници на поголема група граѓани од општините Теарце и Јегуновце, кои се загрижени дека тие нема да можат слободно да располагаат со нивните земјишта, кои треба да влезат во составот на идниот национален парк Шар Планина.

– Станува збор за околу 70 отсто од територијата на потегот од селата Отуње до Јажинце, и тоа сѐ се приватни имоти. Со овој закон практично се врши узурпација на приватна сопственост, нема да може да се прави пренамена на земјиштето – рече жител на село Глоѓи.

Претставник на ловечки здруженија најави дека ќе ја тужат државата, бидејќи платиле за концесии за ловишта на Шар Планина, а со идното прогласување на националниот парк, сите ќе останеле без работа.

Учесниците на јавната расправа за Шара, незадоволни од тоа како досега беа ислушани нивните мислења и незадоволни од одговорите на надлежните побараа, како што велат, вистинска јавна расправа чија цел ќе биде суштински консултации со засегнатата јавност.

„Имајќи предвид дека подрачјето чија заштита треба да се регулира е комплексно, има живи села и е од интерес за различни заинтересирани страни, токму собирањето на коментари и забелешките е клучно во финализирањето на документот, со цел да се добие добар, применлив и прифатлив законски документ“, пишува во реакцијата на Министерството за животна средина.

Коментарите и забелешките можат да се испратат писмено или преку телефон до Министерството до 15 ноември.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот