Академијата со ново правило — Оскари само за човечка глума и сценарио, вештачката интелигенција не смее да биде автор
Американската филмска академија донесе значајна промена во правилата за доделување на најпрестижните филмски награди – Оскарите. Според новите насоки, само глума „докажано изведена од луѓе“ и сценарија „напишани од човек“ ќе можат да бидат номинирани и наградени, пишува Би-би-си.
Препорачано
Одлуката доаѓа во време кога употребата на вештачка интелигенција во филмската индустрија нагло расте, а границите меѓу човечката креативност и автоматизираните алатки стануваат сè понејасни.
Академијата ја опиша промената како „суштинска“, нагласувајќи дека досега немало потреба експлицитно да се потенцира дека наградите се наменети за човечка работа. Но, со појавата на напредни алатки базирани на вештачка интелигенција, ваквата прецизност станала неопходна.
Во последниот период има неколку примери што ја отворија оваа дебата. Починатиот актер Вал Килмер, кој почина во 2025 година, треба да биде „вратен“ на екран со помош на ВИ-технологија во нов филм. Во меѓувреме, британската актерка Елин ван дер Велден објави дека создала целосно вештачки актер со амбиција да стане глобална ѕвезда.
Прашањето за улогата на ВИ беше клучно и за време на штрајкот на холивудските сценаристи пред две години, кога синдикатите се спротивставија на можноста студијата да користат вештачка интелигенција за пишување сценарија.
Сепак, Академијата не воведе целосна забрана за употреба на ВИ во филмовите. Напротив, се наведува дека користењето на вакви алатки „ниту помага, ниту одмага“ при процесот на номинација, сè додека човечкиот фактор останува клучен во креативното авторство.
„Академијата ќе го оценува достигнувањето, земајќи го предвид степенот до кој човекот е во сржта на креативниот процес“, стои во соопштението.
Доколку се појават сомнежи околу користењето на генеративна вештачка интелигенција, Академијата задржува право да побара дополнителни информации за природата на авторството.
Инаку, технологијата одамна е дел од филмската индустрија – компјутерски генерираните ефекти (CGI) се користат со децении – но разликата, според експертите, е што тие се создаваат и контролираат од луѓе, додека ВИ има потенцијал целосно да го автоматизира процесот.
Доделувањето на Оскарите го гледале 17,9 милиони гледачи – помалку од лани


