Агонијата на Суданците: Да останат или да заминат?
Во денови кога Судан се соочува со разни немири и ужаси, жителите се прашуваат едно нешто, дали да останат или да си заминат од земјата.
Голем број западни држави почнаа со евакуација на своите граѓани од Судан, но за Суданците засега нема конкретно решение. Многу од нив решија да заминат во соседен Египет, а некои заминаа кон појужните африкански земји. Патот до Европа за нив е доста трновит.
Со оглед на тоа што борбите меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) се одвиваат низ поголемиот дел од земјата, и двата правци се ризични за бегалците.
Границата со соседен Египет во последниве денови е блокирана поради големиот бран судански бегалци.
Како што раскажува Суданката Далиа Мухамед Абделмонием за „Би-Би-Си“ таа заедно со 23 члена од семејството решиле да заминат за Порт Судан, пристанишен град кој излегува на Црвеното Море. Нивното патешествие траело 26 часа. Полни со страв, тие од автобусот постојано погледнувале дали ќе ги застанат војниците на РСФ.
Судан веќе има сериозен недостиг на храна, вода, лекови и гориво, како и ограничен пристап до електрична енергија и комуникации.
Бидејќи поголемиот дел од борбите се фокусирани околу главниот град Картум, многу жители избрале да заминат, иако засега никој не знае точен број. Многу други сепак избрале да останат – иако и тоа не беше лесна одлука.
Ретко кој од бегалците знаат каде ќе завршат, а никој не знае кога ќе завршат немирите на улиците.