„Адора инженеринг” за 9,3 милиони евра го купи имотот на „Топлификација”

„Адора инженеринг" по пат на јавна лицитација, за 9,3 милиони евра, ги купи топланите „Исток" и „Запад" и најголемиот дел од останатиот имот на „Топлификација" АД/ Фото: МИА

 „Адора инженеринг” по пат на јавна лицитација, за 9,3 милиони евра, ги купи топланите „Исток” и „Запад” и најголемиот дел од останатиот имот на „Топлификација” АД, која е во стечај.

Како што соопшти компанијата, со оваа купопродажба успешно завршува стечајната постапка и се отвара ново поглавје во регулираниот бизнис со производство на топлинска енергија.

– Важен позитивен аспект од оваа зделка што ја одлучи судбината на досегашниот загубар „Топлификација” АД, е што регулираниот бизнис со производството на топлинската енергија ќе биде во рацете на сигурна компанија со целосно домашен капитал и менаџмент, наведува „Адора”.

Според заменик-генералниот директор и одговорен за деловниот развој, Душко Чифлиганец, компанијата се одлучила на ваков чекор по повеќегодишни длабоки обсервации и согледувања на приликите во регулираниот бизнис со производство на топлинска енергија, како и врз основа на физибилити студија што ја изготвиле врни домашни експерти од областа на енергетиката.

– Веруваме дека од досегашниот загубар „Топлификација” АД, ќе изградиме успешна домашна приказна во бизнисот со топлинската енергија. Овој бизнис аспект ќе функционира како посебен правен ентитет под името „Адора Енерџи Солушн”, а менаџментот и раководството ќе биде целосно составено од домашни човечки ресурси. Во соработка со домашната стручна фела, имаме јасна визија како да го поставиме работењето на правилен начин и да го оптимизраме и модернизираме процесот на производство во согласност со сите последни технологии. Постојат многу сфери во работењето на кои ќе треба да се посвети интезивно внимание, труд и работа со цел да се изнајде економска оправданост, истакна Чифлиганец.

„Адора”, нагласи Чифлиганец, има афинитет на прифаќање деловни предизвици и донесе одлука дека овој бизнис од државно значење заслужува да биде во рацете на домашна компанија.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот