Адолесценцијата трае до 30-тите години: Нова студија покажува четири клучни возрасти за вашиот мозок
Научниците откриле дека мозокот во текот на животот поминува низ пет јасно разграничени фази, и дека клучните пресвртници се на девет, 32, 66 и 83 години, пишува Би-би-си.
Препорачано
Истражувачите ги анализирале снимките на мозокот на околу 4.000 луѓе на возраст до 90 години за да ги откријат обрасците на врските меѓу нивните мозочни клетки.
Истражувачите од Универзитетот во Кембриџ покажале дека мозокот останува во фаза на адолесценција сè до раните 30-ти години, кога го доживуваме нашиот „врв“. Тие велат дека добиените резултати можат да помогнат подобро да разбереме како ризикот од нарушувања на менталното здравје и деменцијата се менува во различни возрасни периоди.
Мозокот постојано се менува поради нови знаења и искуства, но истражувањето покажува дека тоа не е мирен образец од раѓањето до смртта.
Наместо тоа, постојат пет фази на развој на мозокот:
Детство – од раѓање до девет години
Адолесценција – од девет до 32 години
Возрасен период – од 32 до 66 години
Рано стареење – од 66 до 83 години
Доцно стареење – од 83 години па натаму
– Мозокот постојано се поврзува во текот на целиот живот. Постојано ги зајакнува или ослабува врските, но тоа не е рамна линија, постојат флуктуации и фази – објаснува водечкиот автор, д-р Алексa Мaузли.
Иако постојат индивидуални разлики, истражувачите истакнуваат дека токму овие возрасти најмногу се издвоиле во податоците, нешто што било возможно да се забележи благодарение на огромната количина мозочни скенирања вклучени во истражувањето, објавено во „Нејчр комјуникејшнс“.
Петте фази на мозочен развој
Детство – Во овој период мозокот брзо расте, но истовремено „го прочистува“ вишокот синапси – врски меѓу нервните клетки создадени во најраното детство. Ефикасноста на мозокот всушност опаѓа, функционирајќи повеќе како дете што лута низ парк без јасна насока.
Адолесценција – На девет години мозокот влегува во фаза на драматична ефикасност што е „огромен пресврт“, вели Мaузли. Ова е периодот со најголем ризик за појава на ментални нарушувања. Долго време се сметаше дека адолесценцијата завршува со тинејџерските години, а потоа со 20-тите. Новите податоци покажуваат дека оваа фаза трае сè до почетокот на триесеттите, период кога мозочната функција е највисока.
Возрасен период – Следува подолга, постабилна фаза. Промените се побавни, а мозочната ефикасност постепено се намалува.
Рано стареење – Промените повторно се активираат, но не преку остар пад. Наместо да функционира како единствен систем, мозокот сè повеќе се дели на поизолирани региони, кои работат поединечно. Во овој период се јавуваат и првите знаци на состојби што го загрозуваат мозокот, како висок крвен притисок или почетни форми на деменција.
Доцно стареење – Последната фаза личи на раното стареење, но е поизразена. Податоците се поретки бидејќи е тешко да се пронајдат здрави испитаници на оваа возраст. Сепак, се забележуваат јасни модели што се совпаѓаат со клучни животни пресврти, од пубертет до родителство и здравствени промени во подоцнежните години.


