Адеми се извини, но не смета дека е виновен за вчерашното дивеење во Собранието

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Претседателот на Комисијата за европски прашања (КЕП), Арбер Адеми денеска изрази жалење  за вчерашниот инцидент во Собранието, но не чувствува лична вина за насилството од него врз колегите пратеници. Тој во изјава за „Слободен печат“ рече дека во Собранието не треба да се повторуваат вакви немили сцени и целата вина за инцидентот ја насочи кон Антонијо Милошоски и опозициските пратеници.

– Изразувам жалење за сите сцени кои се случија вчера во КЕП и за испровоцираните сцени од опозицијата. Тоа не требаше да се случи. Секако реформската агенда на ова парламентарно мнозинство и на Владата треба да продолжи и не треба да потпаѓаме на вакви провокации од опозицијата кои се мотивирани од странски агенти за дестабилизација на земјата и за дефокусирање на јавноста од евроинтеграциските процеси. Станува збор за закон кој овозможува владеење на правото и затоа опозицијата сакаше да го оневозможи неговото донесување. Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од било кој друг. Жалам за ваквите сцени и очекувам ваквите моменти и ситуации да не бидат поттик за судир во Собранието – изјави Адеми.

На прашањето зошто дозволил да биде испровоциран и зошто употребил насилство, тој повтори дека се извинув за немилата сцена.

– Бев на моето столче на работното биро како претседател на комисијата. Тие дојдоа да спречат гласање на дневниот ред. Во тие моменти кога се исцрпи листата на процедурални обраќања, се случи тоа за да се спречи усвојувањето на дневниот ред, изјави Адеми.

На прашањето дали одобрува насилство бидејќи го употреби, Адеми негираше употреба на сила. Рече дека одбива да коментира видеа кои излегле пред целата јавност.

– Насилство имаше врз мене бидејќи јас бев на моето работно место. Сите пратеници имаат партиска агенда но таа не смее да биде на штета на институциите и граѓаните. Додека го држев микрофонот на сила ми го зедоа и физички ме повредија. Овие сцени се за жалење, вели Адеми.

Адеми директно го обвини Милошоски дека под дејство на влијанија од странски служби ја загрозува проевропската иднина на Македонија. Иако неколу пати беше прашан, Адеми не најде вина кај себе за вчерашниот инцидент.

– Јас не сум Милошоски кој преку телефон монтира случаи за невини граѓани да лежат во затвор. За Милошоски се изјаснија и неговите сопартијци кога рекоа дека со удбашки методи сака да ги пикне граѓаните во затвор. Познато е дека тој е против албанското образвование и дека е бугарофил, додаде Адеми.

ВИДЕО | Собраниската пресметка меѓу Адеми и Милошоски од друг агол

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот