Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

57 корисници на пензии од Вториот столб ги искористиле парите, сега се на минималец: Системот ги покажува забите

Парите во Вториот столб се водат на лична сметка и тие се наследни во случај на смрт. Но, осигурениците може да го надживеат износот, па да бидат оставени само на делот од пензијата што ја добиваат од државниот фонд за ПИОМ.

Во вториот столб има 410.602 активни осигуреници. Според евиденцијата на Фондот, досега 130 осигуреници оствариле право на старосна пензија со исплата од двостолбниот пензиски систем. Од нив 57 корисници што ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка, примаат минимална пензија од Фондот, извести директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова, на седницата на која Управниот одбор ја усвои Завршната сметка на Фондот за 2025 година.

Дарко Саздов од Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување (МАПАС) за „Слободен печат“ објасни дека парите во Вториот столб се водат на лична сметка и тие се наследни во случај на смрт. Но, осигурениците може да го надживеат износот, па да бидат оставени само на делот од пензијата што ја добиваат од државниот фонд за ПИОМ.

– Вообичаено пресметката за влечење пари од Вториот столб е на 20 години, но секоја година се прави повторна проекција на износите. Тие средства во меѓувреме се инвестираат, финансиските пазари можат да ги оплодат дополнително. Сепак, постепено, износот се празни. За разлика од Првиот столб, каде што пензијата е дефинитивна, во Вториот столб зависи од уплатите. Колку порано сте влегле во системот, толку подобро. Така, вашата индивидуална сметка, во одредени ситуации, може да овозможи и многу повисока пензија од Вториот столб во однос на Првиот столб. Во капитално финансирано осигурување, просечна возраст е некаде 37 до 40 години – вели Саздов.

Тој појасни и дека од пензискиот придонес што е 18,8 проценти на бруто-плата, 12,9 проценти одат во првиот столб, а само 6 проценти одат во вториот столб, а од таму треба да се исплати половина пензија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот