Зошто имаме лош здив наутро и дали може да се спречи тоа?
Што навистина се случува во нашата уста додека спиеме – и како да се разбудиме наутро чувствувајќи се посвежи, посигурни и подготвени за денот?
Препорачано
Позната ви е утринската сцена во која секој од нас се нашол: Се будите пред вашиот партнер, се свртувате кон него или неа за да кажете „добро утро“ – и за секунда чувствувате непријатен мирис што ви се шири од устата. Инстинктивно ја затворате устата, ја свртувате главата кон перницата и размислувате како да стигнете до тоалетот без да бидете забележани. Не сте сами. Тој непријатен здив наутро е, верувале или не, искуство низ кое секој поминал.
Добрата вест е дека не сте „неуредни“ ниту „нечисти“. Лошиот здив наутро има сосема природно објаснување. А уште подобро – постои начин да се ублажи, па дури и да се спречи.
Бактериите никогаш не спијат – дури ниту додека ние спиеме
Додека сме во длабок сон, бактериите во нашата уста вредно работат. Тие живеат на јазикот, помеѓу забите, под непцата… и се хранат со остатоци од храната, клетките и плунката. Во тој процес, тие ослободуваат соединенија со непријатен мирис – меѓу нив се и добро познатите сулфурни соединенија поради кои наутро не можеме баш слободно да дишеме едни на други в лице.
Уште еден важен „виновник“ е сувата уста. Во текот на спиењето, производството на плунка се намалува, а таа е онаа што природно нè штити од непријатни мириси. Ако спиете со отворена уста – што многу луѓе го прават несвесно – ситуацијата станува уште полоша.
Утрински здив: Не е опасен, но може да биде непријатен
Непријатниот здив наутро се нарекува и „утринска халитоза“ и е сосема безопасен, но секако влијае на самодовербата. И затоа, наместо да се криете зад шолјата кафе или да бегате на прсти од креветот – да видиме како проблемот може да се реши во корен.
Што друго може да биде причина за непријатен утрински здив?
– Нередовно и површно миење на забите – остатоците од храна преку ноќ се идеална храна за бактерии
– Храна со силни ароми – лук и кромид, зачини, алкохол… мирисот патува низ крвта и белите дробови, до здивот
– Пушењето – ја суши устата и ги оштетува непцата
– Здравствени состојби и лекови – хронична сува уста, рефлукс, инфекција на синусите
Сепак, повеќето од причините за лош здив се наоѓаат во усната празнина, што значи – на дофат на четката.
Како да го спречите непријатниот здив штом ќе ги отворите очите?
1. Исчистете го јазикот – бидејќи тој обично го „задржува“ мирисот
Особено задниот дел од јазикот. Користете мека четкичка, нежно, но темелно.
2. Пијте повеќе вода
Водата ја поттикнува плунката, а таа нè чисти однатре. Кафето не се смета. Ниту чајот. Само – водата.
3. Појадувајте
И тоа не само поради енергија. Храната ги активира плунковните жлезди, а крцкавите намирници како што се јаболката или морковите дополнително механички ги чистат забите.
4. Пробајте ги и добрите бактерии
Пробиотиците што содржат Lactobacillus acidophilus (L. acidophilus) помагаат добрите бактерии да се „населат“ во устата и да ги потиснат оние што влијаат на лошиот здив.
5. Посетете стоматолог
Ако ниту најдобрата рутина не помага – можеби станува збор за забен камен, болести на непцата или дури и некоја друга причина. Чистењето на забите од забен камен може да го елиминира непријатниот утрински здив.
Малку труд голема корист
Лошиот здив наутро не е трагедија. Но, ако го игнорираме, тој станува мала пречка за блискост. А утрата се драгоцени – време за насмевки, за „добро утро“ без двоумење, да се бакнете пред работа, а не по кафето.
Вложете две дополнителни минути во вашата вечерна рутина, испијте чаша вода пред спиење, исчистете го јазикот. Малку труд, но голема разлика. Бидејќи мирниот сон е важен – но важен е и пријатниот почеток на денот, пишува „еКлиника“.


