Земји на т.н. арапски свет околу Блискиот Исток - Извор Х

Зошто арапскиот свет молчи додека Иран гори?

Додека ги читаме шокантните вести од Иран, кои веројатно ќе претставуваат најсериозен предизвик за властите во Техеран од 2022 година, реакцијата на арапскиот свет останува забележително пригушена.

Вестите за настаните во Исламската Република ретко се наоѓаат на врвот на вестите во земјите од Персискиот Залив, а кога официјалните лица проговоруваат, тоа го прават претпазливо и без јасни позиции.

Како што пишува британското списание „Економист“, ова молчење не е резултат на рамнодушност, туку комбинација од променетата регионална рамнотежа и длабокиот страв од последиците што би можел да ги донесе колапсот на иранската држава.

Авторот на анализата наведува дека протестите во Иран денес објективно се посериозен предизвик за властите од оние од 2022 година, но дека регионалниот контекст во меѓувреме драматично се променил.

По нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и израелскиот одговор што следеше, мрежата на сојузници и посредници на Иран на Блискиот Исток претрпе тежок удар. Хезболах во Либан, некогаш клучен бедем на Техеран, е значително ослабен и изложен на речиси секојдневни израелски воздушни напади. Во Сирија, режимот на Башар ал-Асад исчезна, додека самиот Иран сè уште не се опоравил од 12-дневната бомбардирачка кампања од страна на САД и Израел во јуни.

Во таква средина, Иран повеќе не изгледа како регионален колос каков што беше пред неколку години. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јавно го опиша како „деградирана сила“, а многу арапски претставници делат слична оценка, според „Економист“.

Сепак, токму оваа комбинација од слабост и непредвидливост го прави Техеран опасен сосед.

Иако дел од иранскиот арсенал со балистички ракети со долг дострел беше оштетен за време на јунската војна, Иран сè уште има илјадници ракети со краток дострел способни да погодат цели низ Персискиот Залив. Иранските власти веќе ги предупредија земјите во регионот дека, во случај на нов напад, списокот на цели би можел да се прошири за да го вклучи Бахреин, дом на Петтата флота на американската морнарица. Иако некои од овие закани може да бидат пропаганда, тие не се сфаќаат лесно во главните градови на Заливот.

Арапските лидери меѓу страв од Трамп и рушење на иранскиот режим

Според „Економист“, она од што арапските лидери најмногу се плашат не е опстанокот на сегашниот ирански режим, туку неговиот ненадеен колапс. Иран е земја со околу 92 милиони луѓе, само 200 километри преку морето. Колапсот би можел да предизвика масовни бранови бегалци, но и многу поопасно сценарио: губење на контролата врз голем арсенал од ракети, беспилотни летала и, можеби најчувствително, илјадници килограми ураниум чија точна локација е непозната по последниот напад на САД.

Врховниот лидер на Иран Ајтолах Хамнеи EPA-EFE/STR

Не постои вистинска политичка или идеолошка поврзаност помеѓу арапските режими и Исламската Република. Многу влади во регионот несомнено би го поздравиле појавувањето на нова иранска влада која би била подготвена да ја ограничи својата нуклеарна програма и да ја прекине поддршката за арапските милиции. Сепак, по две години речиси континуирана регионална војна, преовладува стравот дека немирите во Иран би донеле повеќе хаос отколку стабилност.

Дали молкот значи поддршка за Тегхеран или претпазливост

Затоа, сегашното молчење на арапскиот свет не значи поддршка за Техеран, туку претпазливост. Слабиот Иран е толерантен проблем. Распаднатиот Иран, со неизвесната судбина на неговиот народ, оружје и нуклеарни материјали, е сценарио што монархиите од Заливот сакаат да го избегнат по секоја цена, заклучува британскиот „Економист“.

Да додадеме дека искуството на арапските држави со политичките превирања во последните петнаесет години длабоко ја обликуваше нивната сегашна воздржаност. Земјите што поминаа низ бранот на таканаречената Арапска пролет организирана од Западот се соочија со долгорочна дестабилизација, економски колапс и губење на вистинскиот суверенитет.

Иранско знаме – Извор Х

Други, кои избегнаа такво сценарио, ја поврзуваат својата безбедност и опстанокот на своите режими и елити со стратешкото усогласување со Соединетите Американски Држави.

Во двата случаи, резултатот е ист: избегнување на јавно усогласување и страв од повторување на процесите што се покажаа како деструктивни за стабилноста на државата. Затоа, сегашното молчење на арапскиот свет кон Иран не е израз на солидарност, туку рефлекс на самоодржување во регион кој веќе плати висока цена за „промените“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот