Зошто Америка сѐ уште не се осмелила да го преземе Ормускиот Теснец?

Географијата на регионот има голема улога во оваа војна, а Иран очигледно доминира во северниот дел на Персискиот Залив, Ормускиот Теснец и во Оманскиот Залив. Таа близина му овозможува да користи поевтини оружја, како дронови, за да напаѓа бродови.

Откако САД и Израел ја почнаа војната против Иран кон крајот на февруари, Иран возврати со напади врз трговски бродови во Ормускиот Теснец, со што практично го затвори овој тесен морски премин. Иако дел од бродовите и натаму успеваат да минат низ него, кризата предизвика глобален потрес на пазарот на горива. Американскиот претседател Доналд Трамп му постави ултиматум на Иран целосно да го отвори водениот пат за испораки на нафта и гас и ги повика сојузниците од НАТО да помогнат во тоа.

Поморската експертка Џенифер Паркер, која 20 години служеше во Кралската австралиска морнарица, анализира за „Ејжа тајмс“ каков вид воена сила е потребна за повторно отворање на теснецот за трговскиот сообраќај и зошто САД сè уште не го направиле тој чекор.

Зошто е толку тешко да се спречат нападите врз бродови?

Географијата на регионот има голема улога во оваа војна, а Иран очигледно доминира во северниот дел на Персискиот Залив, Ормускиот Теснец и во Оманскиот Залив. Таа близина му овозможува да користи поевтини оружја, како дронови, за да напаѓа бродови.

Создавањето услови за трговските бродови да бидат безбедни, или барем ризикот да се намали, бара кампања во две фази. Првата фаза е неутрализирање на способноста на Иран да напаѓа бродови, а тоа може да се постигне на два начина: да се убеди или да се принуди Иран да престане со нападите врз бродовите или да се уништи способноста на Иран за такви напади преку гаѓање радарски капацитети, командно-контролна структура и складишта за оружје долж брегот.

САД располагаат со воздушна моќ, разузнавачки капацитети, надзор и извидување за да ги идентификуваат и уништат повеќето од овие цели. Потешко ќе биде да се лоцираат и да се уништат масовните ирански дронови бидејќи тие можат да се чуваат речиси насекаде, па затоа разузнавањето тука е клучно.

Иран ги менува правилата на играта: Ормускиот Tеснец повеќе не е бесплатен?

Откако ризикот ќе се намали преку бомбардерска кампања, вториот елемент за повторно отворање на теснецот е кампања за утврдување на позицијата. Тоа бара авиони за рано воздушно предупредување и поморски патролни авиони што ќе го следат не само теснецот, туку и Оманскиот Залив, Персискиот Залив и иранското крајбрежје. Борбени авиони би требало да бидат постојано распоредени над теснецот и заливот, како воздушни патроли, а хеликоптери би морале да бидат подготвени за брза интервенција при напади. На море, САД би морале да распоредат и воени бродови за повремена придружба на трговските бродови.

Ако се потврди или дури само се посомнева дека во теснецот има мини, ситуацијата дополнително се усложнува. Во тој случај, САД би морале да спроведат обемна и долготрајна операција за расчистување мини.

Зошто Америка не се ни обидува?

Постојат четири клучни причини зошто САД нема да се обидат воено да го обезбедат Ормускиот Теснец без претходно да ја постигнат првата фаза, односно да ја намалат способноста на Иран да напаѓа бродови и зошто тоа досега не било во фокусот на кампањата.

Прво, ваква операција би повлекла воени средства, како авиони, што на САД им се потребни на други фронтови за исполнување на целите на Доналд Трамп. Второ, за Ормускиот Теснец да биде безбеден, не е доволно да се контролира само морето, туку и копното од двете страни, што веројатно би барало копнени сили или десантни единици на иранскиот брег, нешто што е сложен и ризичен потег.

Трето, за заштита на трговскиот сообраќај би бил потребен значителен број воени бродови, најмалку еден или два за секоја придружба. Поголемите конвои би биле уште поранливи, освен ако претходно драстично не се ослаби способноста на Иран да напаѓа бродови. И четврто, американската војска мора да пресмета дали вреди да ги изложи своите екипажи на ризик додека иранските закани од брегот не бидат намалени.

Трамп има нов план: арапските држави да ја финансираат војната против Иран?

Во теснецот може да има мини

Ако во теснецот има мини, ситуацијата станува уште потешка. Иран не мора ни навистина да ги постави — доволно е да создаде уверување дека тоа го направил, за цивилните бродови да почнат да го избегнуваат преминот. Отстранувањето мини би барало нуркачи или далечински управувани уреди и би можело да трае со недели, па и со месеци.

Џенифер Паркер смета дека масовно минирање е малку веројатно, бидејќи Иран и самиот зависи од извозот на нафта преку теснецот, а акустичните мини, за кои се шпекулира, тешко би правеле разлика меѓу ирански и странски бродови. САД, сепак, имаат силни разузнавачки и надзорни капацитети долж иранскиот брег и веројатно би забележале такви операции.

Дроновите се најголемиот предизвик

Што се однесува до дроновите, тие се меѓу најтешките закани за неутрализирање. Иран користи различни беспилотни летала и површински пловила за напади врз трговски танкери.

За разлика од ракетите, дроновите можат да се лансираат речиси од каде било и потешко се откриваат и уништуваат. САД можат да гаѓаат дел од иранските лансирни позиции и складишта долж брегот, но не и лесно да ја избришат целата мрежа.

Во исто време, Вашингтон има и пошироки приоритети: уништување на иранските балистички ракети, нуклеарната програма, морнарицата и прокси-мрежите, вклучително и Хезболах. Бидејќи тие цели бараат огромни воздушни и воени ресурси, нивното пренасочување кон обезбедување на теснецот би можело да ја ослаби главната американска стратегија во конфликтот.

Волстрит журнал: Трамп е подготвен да ја заврши војната дури и ако Иран не го отвори Ормускиот Tеснец

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот