(Зло)употреба на албанскиот јазик од Алијансата и Алтернатива и деветте клучеви на дедо Абдула

Заедничка прес-конференција на Зијадин Села и Африм Гаши / 19 август 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Во близина на Гостивар во едно населено место само со Албанци, нашиот соговорник, неодамна испорачувал луксузни врати за куќа. Во неврзан разговор ни раскажа дека на прв поглед селото било обично, се додека не ги видел куќите градени по швацарски модели, на кои ролетните им биле спуштени, а дворовите без луѓе и детски џагор. По патот, единствена средба имал со дедо Абдула.

На прашањето – Каде се домаќините?, старецот од џебот извадил врзопче клучеви кое го занишал пред неговите очи: „Ги нема синко, сите се надвор на печалба. Се поретко се враќаат дома. Останавме само стари. Сега ги чуваме куќите. Јас имам девет клучеви“.

Вакви вистински приказни кои ги знаат и политичарите има и во селата населени со Македонци. Во нашата држава не можат да се најдат официјални податоци колку граѓани ја напуштиле државата во последните 20 години.

Но, затоа пак, годишното издание на британскиот неделник „Економист“, насловено како„Светот во 2021-та“, во делот посветен за Балканот, констатира дека најверојатно бројката од пописот на населението во 2021 ќе покаже дека Македонија има само 1,5 милиони жители. Според анализата на неделникот, македонските власти нема да бидат изненадени што во државата има околу 500 000 луѓе помалку отколку пред 20 години кога статистичките пресметки покажале бројка од 2,08 милиони луѓе.

– Од падот на комунизмот и крајот на крвавата југословенска војна, луѓето на Балканскиот Полуостров имаат помалку деца, а многумина се отселија. Одливот на мозоци беше потпомогнат од делови на Европа гладни за работници, како што е Германија, со што им се олеснува на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ да добијат работни дозволи, пишува Економист.

И додека светските аналитичари анализираат и прашуваат што ќе се случува со земјите како Македонија кои масовно ги напуштаат цели семејства, домашните политичари и пред локалните избори кои треба да се случат во втората половина во 2021 година веќе се пуштија во лов на гласови. Алијансата за Албанците и Алтернатива бараат учениците Македонци задолжително, а не изборно, да го изучуваат албанскиот јазик.

– Ако се мисли дека со ова решение се прави официјализирање на албанскиот јазик, се поставува прашањето зошто за албанскиот ученик, македонскиот јазик треба да биде задолжителен? Зошто да не биде и македонскиот јазик изборен предмет за албанските ученици“, прашуваат партиите на Зијадин Села и Африм Гаши.

Според универзитатската професорка Солза Грчева, Алијансата и Алтернатива во пресрет на локалните избори, произволно го толкуваат Охридскиот договор. Грчева вели дека наместо таквата реторика треба да почне да се почитува Законот за употреба на јазиците, но и да се воведат казни за оној кој не го познава македонскиот јазик.

– Доста е од тој список за желби кој секогаш доаѓа како предизборна уцена. Не може албанскиот јазик да биде на исто рамниште со македонскиот бидејќи мнозинство во оваа држава се Македонци. Според Законот за македонски јазик, Албанците мора да го учат македонскиот јазик бидејќи Македонија е унитарна држава. Во ред е и Македонците да го учат албанскиот јазик но, само во мешани средини и доколу имаат потреба. Со новото образовно решение – после шесто одделение изборен да биде само албанскиот, а не и турскиот или, пак, ромскиот јазик, ги онеправдуваме другите малцинства. На пример во Штип има Турци и Роми, зошто не ги натераме Македонците да ги учат турскиот и ромскиот јазик. Доста е од тој список за желби кои доаѓаат како предизборни уцени. Не сакам со своите студенти и понатаму да зборувам на англиски јазик, туку пред се на македонски, според Законот за употреба на македонскиот јазик кој во моментов не се применува, вели Грчева.

Неодамна од раководителката на секторот за истражување во Бирото за развој на образованието, Ајше Ајрулаи, слушнавме дека новиот концепт во образованието, албанскит јазик да се воведе како изборен по шесто одделение, на еден млад човек ќе му обезбеди да биде спремен да живее во мултикултурно општество како нашево.

-Учењето на албанскиот јазик како изборен предмет е една новина со што ќе се даде можност на учениците да го одберат овој јазик како изборен предмет од шесто одделение“, рече Ајрулаи.

Според универзитетската професорка, Виолета Петровска Бешка, албанскиот јазик се нудел како дополнителен предмет, и претходно но, повеќе факултативно.

-Сега со новата концепција ќе може да се одбере за изучување како втор странски јазик, после англискиот, како што досега учениците ги бираа германскиот, италијанскиот и слично, рече Петровска – Бешка.

Видео на денот