Зијадин Села ќе понуди оставка од лидерската функција!

зијадин села
Зијадин Села / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Ќе се бара одговорност за лошите резултати на локалните избори веќе на претстојната седница на Централното собрание на партијата, која е закажана на 25 декември.

На претстојната седница на Централното собрание на Алијанса за Албанците (АА), која е закажана на 25 декември, треба да се расправа за резултатите од локалните избори. Како што дознава „Слободен печат“, притоа ќе се бара одговорност и од сите партиски структури.

Она што веќе е познато и јавно е објавено дека Арбен Таравари повеќе нема да биде генерален секретар на партијата, откако најави заминување од функцијата.

– Лично сметам дека за генерален секретар на партијата треба да се избере нов кадар, кој има повеќе време. Сигурно повеќе нема да бидам секретар на Алијанса за Албанците, ова е мојата конечна одлука што не може да се смени – рече Таравари.

„Слободен печат“ од партиски извори дознава дека на оваа седница оставка ќе понуди и лидерот на партијата Зијадин Села, но не се знае дали ќе биде прифатена од партиските структури.

– Господин Села е принципиелен. И во 2020 година, по парламентарните избори, на партиските структури им понуди оставка, но не беше прифатена. И овој пат мислам дека ќе го направи истото, но не се знае дали ќе биде прифатена – вели нашиот извор.

И Таравари смета дека Села треба да продолжи како лидер на АА, но додава дека Конгресот е отворен и секој може да се кандидира за претседател.

– Кој и да победи, ќе му честитаме и ќе го поддржиме, а ние ќе продолжиме со работа – рече Таравари.

Во меѓувреме, сите ограноци на партијата одржуваат собири на кои се анализираат резултатите од локалните избори, а сите извештаи се испраќаат до Централното собрание.

– Фракциите во ограноците ни донесоа лоши резултати во некои општини. Затоа ќе се разговара на Собранието. Сите опции се отворени, не бегаме од ништо – велат од АА.

Партискиот конгрес на АА се очекува да се одржи во март или април следната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот