Зибери: Ковид-19 негативно влијаеше врз правата на граѓаните

Насер Зибери
Фото: МИА

Ковид-19 ги наруши речиси сите текови во општествениот живот, а посебно негативно влијаеше врз слободите и правата на граѓаните, изјави народниот правобранител Насер Зибери, на денешната презентација на Извештајот за темелните права на Агенцијата за темелни права на Европската унија за 2021 година.

Според него, на удар пред се најдоа ранливите категории, како што се децата, децата со попреченост, лицата под социјален ризик, како и една сериозна бројка на популацијата од ромското население.

– Во овој период, особено во време на прогласувањето на вонредната состојба, посебно проблеми се појавија по однос на семејното насилство и од едно истражување изнесовме сериозни податоци за тоа како прогресивно расте семејното насилство во ефективна вонредна состојба, полициски час и тн, изјави Зибери.

Тој нагласи дека годината која е зад нас ни даде поука за понатамошно дејствување на институција народен правобранител, но и на другите чинители.

– Затоа и нашите препораки во Годишниот извештај одат во таа насока како да го подигнеме квалитетот на заштитата и унапредувањето на човековите права слободи и права, а поготово во призма на овие дефекти кој ни се појавија и исфрлија на површина со ранливите категории, со семејното насилство, со состојбите во затворите и другите сегменти кој навистина бараат посебно внимание од институцијата Народен правобранител, рече Зибери.

Мерките кој одат во заштита на здравјето на граѓаните, како што истакна омбудсманот Зибери, често пати детерминираа поинакво дејствување на институциите, многу институции беа полузатворени, полуотворени, пристапот до правда беше ограничен и се разбира капацитетите на институциите беа лимитирани и не можеа да бидат на ниво на потребите на граѓаните. Народниот правобранител има констатирано низа слабости во институциите и во преземањето на мерки кој одат во насока на подигнување на квалитетот на заштита.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, од своја страна, истакна дека човековите права за Владата се извонредно важни како тема и како политика.

– Владата со должно внимание пристапува кон секој извештај кој што укажува и на напредокот, но и на недостатоците во нашиот систем поврзани со заштита на човековите права и нивно унапредување, без разлика дали се работи за Извештај на ЕК, извештаите на меѓународните невладини организации, извештаите на Стејт департманот, извештаите и укажувања на Народниот правобранител, како наша домашна институција надлежна за заштита и унапредување на човековите права, изјави Маричиќ.

Според министерот Маричиќ, сите тие извештаи Владата ги прифаќа со внимание, ги гледа добронамерно и врз основа на тие извештаи практично го прави и патоказот, нормално и врз основа нашите согледувања, како институциите.

– Во ова смисла ние во последните четири години, но интензивно и во последните 10 месеци работиме на сите фронтови за унапредување и подобрување на човековите права без разлика дали се работи елиминација на сите форми на дискриминација или се работи на заштита на маргинализираните групи или се работи на имплементација на Истанбулската конвенција, што ние ја ратификувавме, зајакнување на заштита на човековите права дури и преку кривично правните инструменти преку кривичниот законик, наведе Маричќ.

Директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска, во ова прилика посочи дека тие извештајот го подготвиле во 2019 година и денеска заедно со Министерството за правда и народниот правобранител ќе ги дискутираат клучните наоди и како да се унапредат политиките во овие различни области во следниот период.

– Клучните наоди од овој извештај се однесуваат на пандемиска година. Сите знаеме дека оваа беше исклучителна година за човековите права. Се открија големи недостатоци во сите системи за заштита на човековите права и во Европа и во земјите на ЕУ и во Северна Македонија. Она што е значајно од овој Извештај е дека со него на ист кантар се мерат земјите членки и земјите коишто пристапуваат и за нас е исклучително значајно, бидејќи тоа претставува исто така основа која што Европската комисија ќе ја земе во нивниот извештај којшто ќе го подготви наесен за напредокот на нашата земја, рече Кацарска.

Воедно, таа препорача што е можно повеќе да се зајакнат националните институции за човекови права, вклучително тука и народниот правобранител и комплетирањето на новата Комисија за заштита од дискриминација, бидејќи според Кацарска, тоа се телата коишто треба да ни помогнат за да изградиме поотпорно општество за заштита на човековите права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот