Поранешниот градоначалник и поранешен заменик-министер, Андреј Жерновски/ Фото: Архива на Слободен печат

Жерновски најави претставка до Судскиот совет по изјавата на Митева: „Како портпарол на Владата располага со информации за тековен судски процес“

Портпаролката на Владата, Марија Митева, пак смета дека oбидот на Жерновски, „да конструира наратив за скандал претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања“.

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски преку Фејсбук објави дека поднесува претставка до Судскиот совет, откако, како што наведува, портпаролката на Владата, Марија Митева, за време на гостувањето на тв дуел заедно со него, јавно соопштила „исход“ од судска постапка која сè уште е во тек. Жерновски посочи дека портпаролката на Владата изнела информации за неговиот судски процес против МНР, наведувајќи дека неговата жалба е изгубена.

Според Жерновски, изнесувањето информација дека „жалбата против претседателката е одбиена како неоснована“ е сериозно и скандалозно, бидејќи, како што вели, второстепена одлука од Вишиот управен суд сè уште не е донесена.

„Прашањето е едноставно: како портпарол на Владата располага со информации за тековен судски процес во кој не се јавува како странка во постапка?“, наведува Жерновски.

Тој додава дека конкретната судска постапка не се води против Владата, туку против претседателот на државата, и прашува како е можно да се изнесуваат податоци за првостепена одлука, поднесена жалба и нејзина наводна неоснованост во услови кога постапката не е правосилно завршена.

Жерновски смета дека ваквите информации можеле да бидат добиени единствено директно од судот и дека тоа, како што наведува, укажува на недозволиво мешање на извршната во судската власт, спротивно на уставните принципи на поделба на власта и владеење на правото.

„Политичка и судска одговорност за овој скандал мора да има. И ќе има“, вели тој.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, пак смета дека oбидот на Жерновски, „да конструира наратив за скандал претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања“. Митева, во реакцијата на Фејсбук, вели дека настапите на опозицијата се панични и хистерични и оти кога немаат одговори продуцираат магла.

Наспроти тврдењата на Жерновски дека Владата има увид во тековни процеси, Митева појасни дека станува збор за одлука која е веќе донесена.

„Станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано. Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста“, пишува Митева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот