Протест „Ниту една повеќе“ / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Жените жртви на насилство, губат работа, осиромашуваат, се задолжуваат и сами плаќаат за потребите на нивните деца

По повод почетокот на 16-те меѓународни денови на активизам против насилството врз жените, Здружението ЕСЕ ја истакнува невидливата, но речиси универзална последица од семејното насилство: економската несигурност на жените и децата по разводот или разделбата. Насилството не завршува по напуштањето на насилната заедница, тогаш започнува економската борба.

Податоците на ЕСЕ покажуваат дека жените се соочуваат со сериозни економски последици поради насилството како и економски трошоци што жените не можат да ги издржат. Меѓу нив се ограничениот пристап до работа и губењето егзистенција. Околу 80 проценти од жените биле спречени да работат од страна на насилниот партнер, 42 проценти од жените го изгубиле своето работно место како директна последица од насилството.

Ова значи дека жените ја започнуваат транзицијата кон нов живот со сериозно нарушена економска основа, велат од Здружението.

Последиците од насилството носат и високи здравствени трошоци како голем и непланиран товар – 48 проценти од трошоците се за лекови, 21 процент за хоспитализации, 19 проценти за матичен лекар и итна помош. Овие издатоци често се плаќаат приватно, бидејќи жените имаат ограничен пристап до јавни услуги или им треба навремена поддршка која ја нема во системот.

По напуштањето на домот, жените мора итно да најдат ново сместување, што подразбира кирија, сметки, основен мебел, транспорт и секојдневни трошоци. Така, долговите стануваат единствената стратегија за преживување.

Сегашните можности за финансиска поддршка и економско јакнење од страна на државата се недоволни и несоодветни, па жените често остануваат без реален излез од економската криза што ја предизвикува насилството. Над 90 проценти од жените земаат кредити или позајмици од роднини и пријатели за да преживеат во првите месеци по насилството. Издршката за децата е  недоволна, нередовна и без ефективна наплата.

Анализата на ЕСЕ покажува дека постојниот систем на досудување и наплата на издршката за децата, ги оставa жените и децата без реална заштита. Во над 50 проценти од случаите, судската издршка не ги задоволува реалните трошоци за детето, 70 проценти од жените се соочуваат со ненавремена, делумна или целосно неплатена издршка. Жените ретко ги користат законските механизми за наплата, бидејќи постапките се долги, неефикасни и скапи, а често и поради страв од одмазда од насилникот.

Ова значи дека во најголем дел од семејствата, во овој период на транзиција, мајката сама ги обезбедува сите средства за живот на децата, без поддршка од државата или од другиот родител.

Што им е навистина потребно на жените за нов почеток? Според Здружението ЕСЕ, државата може многу повеќе да направи.

За жените трајно да ставaт крај на насилството и да обезбедат стабилен, безбеден живот за себе и своите деца, потребни се следниве системски решенија: Финансиска поддршка во првите 6–12 месеци по напуштањето на насилната заедница, со цел покривање на основни трошоци и стабилизација. Потребни се можности за вработување и преквалификација, во партнерство со институциите и приватниот сектор. Потребен е ефикасен механизам за наплата на издршката, кој ќе гарантира дека децата ги добиваат средствата што им следуваат и координирана институционална поддршка за надминување на економските последици од насилството, како и поголеми вложувања во економското зајакнување на жените, преку социјални претпријатија, обуки, локални програми и активирање на жените кои се надвор од пазарот на труд, велат од ЕСЕ.

ЕСЕ апелира државата итно да воспостави систем за финансиска поддршка на жените воvпериодот на транзиција по напуштањето на насилната заедница, поддршка која ќе овозможи покривање на трошоци за домување, основни потреби, здравствени услуги и секојдневни издатоци сѐ додека не се обезбеди стабилен приход.

Без економска сигурност, секое бегство од насилството носи ризик од сиромаштија, повторна виктимизација или принудно враќање во насилната средина, велат оттаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот